„Доколку се мисли на тоа дека во овој миг на нужни реформи и во ЕУ, ама и во една непредвидлива политичка сцена, е важно сите кандидати кои исполнуваат определени услови на патот кон ЕУ, врзани како за Планот за раст, треба на некаков начин да бидат блиску до ЕУ, да не останат надвор, да бидат во игра, да бидат во кондиција во надградувањето и исполнувањето на Копенхашките критериуми, се разбира, може да се размислува за тоа. Меѓутоа, многу рано е“, рече претседателката на државата во вечерашното гостување во централниот дневник на телевизијата Сител
За предлогот на германскиот канцелар рече дека не е нов, и дека слични предлози претходно можеле да се слушнат од поранешната канцеларка Ангела Меркел во однос на Турција. Како новина во предлогот на Мерц ја гледа само синтагмата „асоцијативно членство“
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, вели дека преферира полноправно членство во Европската Унија (ЕУ), но ако постојат други алтернативи, првин треба да се разговара и да се види на кого тие се однесуваат бидејќи, како што додаде, не сака ние да бидеме исклучокот.

Таа ова го кажа во вечерашното гостување во централниот дневник на телевизијата Сител, прашана за коментар на писмото што германскиот канцелар го испрати до лидерите на Европската Унија во кое повикува на иновативни решенија за забрзување на процесот на проширување, ставајќи посебен фокус на Украина, но и на земјите од Западен Балкан и Молдавија.
„Јас не можам да кажам бидејќи сметам дека профилот на членството во Европската Унија е определен со актите на ЕУ и се разбира дека ако ние 20 години го одиме тој пат, не случајно го одиме, туку очекуваме полноправно членство“,
рече таа.
Елаборирајќи го својот став, таа рече дека предлозите – креативни, различни – не доаѓаат само заради профилот на земјите кандидатки од Западен Балкан или Молдавија и Украина, туку доаѓаат, како што кажа, и од внатрешни потреби на Унијата. Во таа смисла, претседателката додаде дека Европската Унија е соочена со потреби од реформи, не само поради поголемиот број членки и посложениот процес на одлучување, туку и поради светските состојби.
Тогаш, како што наведе, внимателно се постапува.
За предлогот на германскиот канцелар Мерц рече дека не е нов, и дека слични предлози претходно можеле да се слушнат од поранешната канцеларка Ангела Меркел во однос на Турција. Како новина во предлогот на Мерц ја гледа само синтагмата „асоцијативно членство“.
„Предлогот на господинот Мерц не е нов, само што има нова синтагма – има ‘асоцијативно членство’. Да потсетам, едно време истото го слушавме од госпоѓата Меркел во поглед на Турција, ако се сеќавате, околу асоцијативното членство. Доколку се мисли на тоа дека во овој миг на нужни реформи и во ЕУ, ама и во една непредвидлива политичка сцена, е важно сите кандидати кои исполнуваат определени услови на патот кон ЕУ, врзани како за Планот за раст, треба на некаков начин да бидат блиску до ЕУ, да не останат надвор, да бидат во игра, да бидат во кондиција во надградувањето и исполнувањето на Копенхашките критериуми, се разбира може да се размислува за тоа. Меѓутоа, многу рано е. Не е само предлогот, ако се сеќавате, сега од господинот Мерц, имаше и многу други предлози“,
рече претседателката Сиљановска-Давкова.
На прашањето дали за Македонија е прифатлива друга алтернатива освен полноправно членство во Европската Унија, посочи дека тоа не зависи само од нас, туку и од предлагачот.
„Не би можела да ви кажам во моментов бидејќи не зависи од нас – ‘прифаќам’ или ‘не прифаќам’. Зависи и од предлагачот. Значи, јас преферирам полноправно членство, зашто на тој пат сме тргнале за полноправно членство. Но, ако се рече дека нема веќе полноправно членство, а треба некако да бидеме во контакт, или во кондиција, или во соработка, може да се разговара, да се види што значи тоа“,
кажа претседателката на државата.
На сугестијата на новинарот дека тоа значи оти треба да се видат алтернативите, Сиљановска-Давкова одговори потврдно, додавајќи оти треба да се види и на кого се однесуваат.
„Не сакам да бидеме ние исклучокот“,
додаде таа.
Инаку, во писмото до лидерите на Европската Унија, германскиот канцелар предлага Украина да добие модел на „асоцијативно членство“ како преодна фаза кон полноправно членство. Тој модел би овозможил учество на украинските претставници во работата на институциите на ЕУ без право на глас, како и постепена примена на европското законодавство.

Во однос на Западен Балкан и Молдавија, Мерц предлага забрзана и постепена интеграција преку привилегиран пристап до внатрешниот пазар на ЕУ и поблиско вклучување во европските институции.
Според него, ваквиот пристап би можел да создаде нова динамика во процесот на проширување и да ги поттикне реформите во земјите кандидати, но и да ја зајакне геополитичката улога на Европската Унија.
Инаку, Сиљановска-Давкова во интервјуто беше прашана и за коментар на пораката на министерката за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова, што таа му ја пренела на шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски за време на нивната денешна прва средба во Шведска, а која, според соопштението на бугарското МНР, била дека за Софија приоритет останува целосното гарантирање на правата на македонските Бугари.
Претседателката одговори со идентична реторика, велејќи дека приоритет за нас остануваат правата на Македонците во Бугарија.
Дополнувајќи се во одговорот таа посочи на, како што рече, една информацијата – дека на последниот попис во Бугарија имало речиси ист број регистрирани Македонци како Бугари кај нас – 1 350, притоа правејќи паралела на бугарските барања кон Македонија за промена на Уставот додека во исто време Софија одбива да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур и одлуката на Обединетите нации за македонските здруженија во Бугарија.
„Па сега мене ме чуди зошто 1 350 луѓе кои зборуваат бугарски, така се изјасниле, би заслужувале промена на Уставот и уставен статус, а исто толкав број Македонци, и покрај дваесетината пресуди и покрај одлуката на Обединетите Нации во Комитетот за правата, не заслужуваат такво нешто. Згора, колку е логично некој да вели дека вие не постоите, не ве признава, онаа теза што ја слушам дека јазикот е признат. Не е точно дека е признат. Во секој документ стои под фуснота дека Бугарија не го признава македонскиот јазик“,
рече шефицата на државата.
