Во писмото, Мерц предлага нова динамика на пристапување во ЕУ за сегашните кандидати – Украина, Западен Балкан и Молдавија. Ова, како што пишува, е поради тоа што проширувањето на Европската Унија е геополитичка неопходност, но и процес што трае премногу долго
За Украина го предлага статусот асоцијативна земја членка, што би можело да вклучува учество во работата на институциите на ЕУ без право на глас, постепена примена на европското законодавството и буџетот, како и зголемена политичка и безбедносна поддршка од земјите членки
Во однос на земјите од Западен Балкан и Молдавија, Мерц предлага забрзана и постепена интеграција преку привилегиран пристап до внатрешниот пазар на ЕУ и поблиско вклучување во европските институции. Според него, постепената интеграција би можела да се заснова на „градење блокови“ што би овозможиле усогласување со европското законодавство чекор-по-чекор и зголемена финансиска и техничка поддршка
Германскиот канцелар Фридрих Мерц во писмо до лидерите на Европската Унија повикува на иновативни решенија за забрзување на процесот на проширување, ставајќи посебен фокус на Украина, но и на земјите од Западен Балкан и Молдавија, пренесува порталот „Европски Западен Балкан“.
Писмото e испратено до претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Кипар, кој моментално претседава со Советот на ЕУ, Никос Христодулидес.
Предлогот на Мерц се испраќа само неколку недели пред самитот на Западен Балкан во Црна Гора на почетокот на јуни.

Според предлогот, полноправното членство во Европска Унија останува крајна цел за сите земји кандидати, но процесот, како што наведува Мерц, трае предолго и бара нов, пофлексибилен пристап.
Во писмото, Мерц предлага нова динамика на пристапување во ЕУ за сегашните кандидати – Украина, земјите од Западен Балкан и Молдавија. Ова, како што пишува, е поради тоа што проширувањето на Европската Унија е геополитичка неопходност, но и процес што трае премногу долго.
Во писмото се предлага Украина да добие модел на „асоцијативно членство“ како преодна фаза кон полноправно членство. Тој модел би овозможил учество на украинските претставници во работата на институциите на ЕУ без право на глас, како и постепена примена на европското законодавство.

Во однос на Западен Балкан и Молдавија, Мерц предлага забрзана и постепена интеграција преку привилегиран пристап до внатрешниот пазар на ЕУ и поблиско вклучување во европските институции.
Според него, ваквиот пристап би можел да создаде нова динамика во процесот на проширување и да ги поттикне реформите во земјите кандидати, но и да ја зајакне геополитичката улога на Европската Унија.
Украина со „асоцијативно членство“
Во првиот дел од писмото, Мерц се фокусира на Украина и предлага модел на „асоцијативно членство“ на земјата во ЕУ. Иако Украина треба да стане полноправна земја членка, очигледно е, според Мерц, дека процесот на пристапување нема да биде завршен наскоро.
„Сепак, немаме време за понатамошни одложувања. Сега е време храбро да продолжиме со интеграцијата на Украина во ЕУ преку иновативни решенија како непосредни чекори напред“,
наведува Мерц во писмото.
Според него, статусот асоцијативна земја членка за Украина би можел да вклучува учество во работата на институциите на ЕУ без право на глас, постепена примена на европското законодавството и буџетот, како и зголемена политичка и безбедносна поддршка од земјите членки.
Мерц посочува дека ваквиот модел би можел да помогне и во тековните мировни процеси и да придонесе кон создавање посилни безбедносни гаранции за Украина.
Побрза интеграција за Западен Балкан и Молдавија
Во вториот дел од писмото, германскиот канцелар пишува дека Европската Унија треба да остане посветена на ветувањето за членство на земјите од Западен Балкан и Молдавија.
Предлага воведување на постепена интеграција, фаза по фаза, со привилегиран пристап до внатрешниот пазар на ЕУ и поблиска вклученост во европските институции.
„Предлагам да разгледаме иновативни решенија и за земјите кандидатки кои долго се подготвуваат за членство и да го забрзаме нивниот процес. Заедно со колегите, ќе продолжам да работам на ова“,
вели Мерц.
Според него, постепената интеграција би можела да се заснова на „градење блокови“ што би овозможиле усогласување со европското законодавство чекор-по-чекор и зголемена финансиска и техничка поддршка.
„Постепената интеграција би можела да се воспостави со ‘градење блокови‘ кои би можеле да бидат основа за целосна примена на соодветните области на политиката, а потоа да биде придружена со зголемена поддршка во процесот на спроведување на правниот поредок на ЕУ. Сето ова би можело значително да ги доближи земјите кандидатки до нас и со тоа да предизвика нова амбиција за понатамошни реформи потребни за постигнување полноправно членство“,
пишува тој.
Дополнително, предлага ЕУ да предвиди и за овие земји суштински чекори на нивниот пат кон членство, со, на пример, привилегиран пристап до внатрешниот пазар и поблиски врски со европските институции во секојдневниот процес на донесување одлуки.
Дел од пошироката дебата за проширувањето
Мерц оценува дека проширувањето на Европската Унија е геополитичка неопходност, но и процес кој бара нов пристап поради бавната динамика на пристапните преговори.
Во писмото се наведува и дека ваквите предлози би можеле да покренат прашања за политичката и правната изводливост, но истовремено би го забрзале приближувањето на земјите кандидати кон ЕУ.
Во меѓувреме, неколку земји членки на ЕУ веќе дистрибуирале доверлив документ со предлози за постепен пристап до единствениот пазар, што дополнително ја засилува дебатата за иднината на проширувањето во Унијата.
