„Сите документи од доверлив или од строго доверлив карактер, јас и само јас ги добивам во печатена, односно во хартиена форма. Според протоколот, читам, пакувам и го давам на лице од архивата кое поседува највисок сертификат ‘државна тајна’. Најчесто се враќаат кај испраќачот или одат во архивата. Ако комуникацијата е на ваков начин, објаснете ми со кои податоци, дури и да влезе некој во вашиот компјутер, може да посегне по шпионажа?“, изјави претседателката на државата во вечерашното гостување во централниот дневник на телевизијата Сител
Претседателката упати критики до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), велејќи дека е шокирана од неговото постапување бидејќи, според неа, не бил испочитуван членот 289 од Законот за кривична постапка (ЗКП), во кој се вели дека сите дејствија во предистрага се тајна
Обвинување за шпионажа е многу сериозно обвинување и мислам дека нема логичен основ за тоа, изјави вечерва претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, коментирајќи ги во телевизиско гостување наводите околу предистражната постапка што ја води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) за сомнежи дека биле извлекувани податоци од компјутерскиот систем во претседателскиот кабинет.

Сиљановска-Давкова во вечерашното интервју во „Тема на денот“ во централниот Дневник на ТВ Сител, рече дека безбедноста е на највисоко ниво, објаснувајќи зошто смета дека обвинувањето за шпионажа нема логичен основ. Во таа насока претседателката наведе дека сите дописи што ги добива од НАТО, од Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Агенцијата за разузнавање (АР) и од Генералштабот на АРМ се во печатена форма и дека никој освен неа ги нема видено.
„Имено, шпионажата се однесува на класифицирани или на строго доверливи податоци. Не знам колку знае јавноста, но во Кабинетот не постои електронска мрежа на класифицирани податоци, односно на податоци од доверлив или строго доверлив карактер. Сите документи од доверлив или од строго доверлив карактер, јас и само јас ги добивам во печатена, односно во хартиена форма. Според протоколот, читам, пакувам и го давам на лице од архивата кое поседува највисок сертификат ‘државна тајна’. Најчесто се враќаат кај испраќачот или одат во архивата. Ако комуникацијата е на ваков начин, објаснете ми со кои податоци, дури и да влезе некој во вашиот компјутер, може да посегне по шпионажа? Значи, не постои основ. Затоа и се чудам кога ќе видам разузнавачи како дискутираат како сум била во опасност, безбедноста била во опасност заради шпионажа“,
рече претседателката на државата.
Сепак, како што кажа, веднаш штом дознала дека има укажување од еден од вработените за упад во компјутерот, исконтактирала со Министерството за внатрешни работи (МВР).
На забелешка на новинарот дека за случајот се води предистрага од страна на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, претседателката упати критики до ОЈО ГОКК, велејќи дека е шокирана од неговото постапување бидејќи, според неа, не бил испочитуван членот 289 од Законот за кривична постапка (ЗКП), во кој се вели дека сите дејствија во предистрага се тајна.
„Шокирана сум од Јавното обвинителство. Рековте предистражна постапка, а не постапка. Важи ли членот 289 од Законот за кривична постапка за Јавното обвинителство? Сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се тајна. Како тоа Јавното обвинителство комуницира преку медиуми и раскажува како и на кој начин контактира со Министерството за внатрешни работи? Згора на тоа, слушам една лаичка интерпретација на членот 8 од Законот за јавно обвинителство, каде што се вели дека Јавното обвинителство почитувајќи го принципот на презумција на невиност, приватен живот, достоинство, слобода на медиуми, правично судење, интегритет и така натаму, како и принципот на отвореност – веројатно од тоа се инспирира – ја информира јавноста за одделни случаи по кои и постапува. Немаме случај ние. Во предистражна постапка нема случај“,
кажа Сиљановска-Давкова.

Одговарајќи на дополнителни прашања, таа потврди дека има суспендирано лице од нејзиниот кабинет, како и дека биле направени проверки.
За лицето, рече дека е со подолг стаж во кабинетот, каде што работело и за време на мандадите на претходните претседатели на државата, Стево Пендаровски и Ѓорѓе Иванов. Кажа дека лицата како него не се вработени во кабинетот, туку се ангажираат од Министерството за одбрана, затоа што таму има развиена служба.
„Веднаш откако генералниот секретар дознал за таквото нешто, го отстранил од работа лицето. Морам да кажам за лицето, иако мене ми е непријатно, не дошло со нас, се работи за личност со највисок сертификат ‘државна тајна’ кој бил ангажиран во кабинетот и на претходниот претседател, и на претходниот, бидејќи обично се работи за лица кои се ангажираат од Министерството за одбрана затоа што таму има развиена служба. И тие лица годишно се ангажираат, значи не се вработени кај нас“,
рече претседателката.
Прашана дали стравува дека може да биде цел на странски служби и да биде пресретната или загрозена некоја нејзина комуникација, Сиљановска-Давкова изјави дека нејзината комуникација со вработените се однесува на соопштение, на говор, на честитки и на ништо друго.
За изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека зад целиот случај кој ја бранува јавноста стојат „глодари“ од минатото кои се претставуваат како вработени во Министерството за внатрешни работи, претседателката рече дека не ја слушнала таа изјава, додавајќи дека она што таа го кажаува е дека безбедноста е на највисоко ниво.
„Не знам, не сум ја чула јас таа изјава на премиерот, јас само кажувам дека безбедноста е на највисоко ниво, да не се грижат граѓаните – сите дописи што ги добивам од НАТО, од АНБ, од Агенција за разузнавање, и од Генералштабот се во печатена форма и никој освен мене не ги видел. Впрочем, видовте, ако ние сме во опасност, сигурно адмиралот кој штотуку стапи на функција од Неапол (Џорџ М. Викоф н.з.), не би ме посетил вчера. Ние сме кредибилен партнер на НАТО, секако, веднаш кај мене извршија проверка, нема никаков проблем“,
рече Сиљановска-Давкова.
За потсетување, од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) завчера потврдија дека кон крајот на минатата година отвориле предистражна постапка по известување за сомнежи дека од информатичкиот систем во Кабинетот на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, неовластено биле извлекувани содржини, односно податоци.
Тоа значи дека постојат сомневања за шпионирање во Кабинетот на претседателката, преку неовластено преснимување содржини од компјутерскиот систем, за што Обвинителството веднаш лани во декември, кога пристигнало известувањето од МВР, почнало постапка за прибирање информации.
Сепак, како што информираат од ОЈО ГОКК, иако станува збор за сензитивен и сериозен случај, и по неколку месеци Обвинителството сè уште не ги добило од Министерството за внатрешни работи (МВР) резултатите од бараните анализи.
Од МВР потврдуваат дека до Секторот за компјутерски криминал од ОЈО ГОКК добиле две наредби во врска со случајот – едната од 12 февруари, а другата од 25 март оваа година, посочувајќи дека станува збор за поголема количина на електронски доказен материјал, за чија анализа е потребен поголем временски период.
