Муцунски на средбата со својата бугарска колешка во Хелсиборг ги реафирмирал позициите на Владата, укажувајќи дека темите поврзани со македонскиот јазик, идентитет, култура и историја не можат да бидат предмет на разговори. Тој го отворил и прашањето за почитувањето на правата на македонското малцинство во Бугарија, нагласувајќи ја потребата од доследно спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП)
„Министерката Петрова го потврди конзистентниот став на Бугарија дека целосното спроведување на обврските преземени кон ЕУ во рамките на Европскиот консензус од јули 2022 година е единствената гаранција за одржлив напредок на Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон пристапување во ЕУ“, се вели во соопштението на бугарското МНР за средбата
Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, денеска се сретна со својата бугарска колешка Велислава Петрова на маргините на министерскиот состанок на НАТО, што се одржува во Хелсинборг, во Кралството Шведска.

За средбата речиси истовремено информираа двајцата министри за надворешни работи, преку објави на социјалните мрежи, а за темите на дискусија преку писмени соопштенија се огласија и Министрествата за надворешни работи на двете држави.
Според нивните објави, акцентот на средбата бил ставен на забрзување на активностите околу изградбата на инфраструктурниот проект на Коридорот 8, но размениле мислења и за билатералните односи меѓу двете држави, особено во контекст на европската интеграција на земјава и отвореното прашање што го имаат Македонија и Бугарија.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на земјава, Тимчо Муцунски, ја нагласил потребата од изнаоѓање решение на, како што вели во објавата на социјалните мрежи, билатералното прашање кое го кочи процесот на отворање на преговорите со Европската Унија.
Муцунски во таа насока ги реафирмирал позициите на Владата, укажувајќи дека темите поврзани со македонскиот јазик, идентитет, култура и историја не можат да бидат предмет на разговори.
„Го отворив и прашањето за почитувањето на правата на македонското малцинство во Бугарија, нагласувајќи ја потребата од доследно спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП)“,
вели шефот на македонската дипломатија во објавата на социјалните мрежи.
Бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова, пак, од својата страна, го потврдила познатиот став на Софија дека спроведувањето на обврските што земјава ги презела во рамките на Европскиот консензус од јули 2022 година е единствената гаранција Северна Македонија да напредува на својот пат кон Европската Унија (ЕУ).
Петрова, исто така, изјавила дека за Бугарија приоритет останува, како што се наведува, целосното гарантирање на правата на македонските Бугари.
„Министерката Петрова го потврди конзистентниот став на Бугарија дека целосното спроведување на обврските преземени кон ЕУ во рамките на Европскиот консензус од јули 2022 година е единствената гаранција за одржлив напредок на Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон пристапување во ЕУ. Министерката Петрова, исто така, изјави дека за Бугарија, приоритет ќе продолжи да биде целосното гарантирање на правата на македонските Бугари“,
се вели во соопштението на бугарското Министерство за надворешни работи.
FM Petrova reaffirmed 🇧🇬’s position that full implementation of commitments under the July 2022 EU consensus remains key for progress of 🇲🇰 on its EU path. Guarantees for rights of Macedonian Bulgarians remain a priority for 🇧🇬. pic.twitter.com/nn7nQLgMv9
— MFA Bulgaria (@MFABulgaria) May 22, 2026
Што се однесува до Коридорот 8, и двајцата шефови на дипломатиите наведуваат дека фокусот бил ставен на важноста од негова забрзана изградба, а во смисла на значењето што овој проект го има за регионалната инфраструктурна поврзаност, како и за стабилноста и безбедноста на регионот.
„Акцент ставивме и на значењето на Коридор VIII и потребата од забрзување на активностите поврзани со отворањето на граничниот премин ‘Клепало’, како важен дел од регионалната инфраструктурна и економска поврзаност“,
вели шефот на македонската дипломатија, Муцунски.
Неговата бугарска колешка ја нагласила потребата од конкретни чекори за изградбата на прекуграничниот железнички тунел, како заедничка обврска на двете страни по стапувањето во сила на Меѓувладиниот договор од ноември 2025 година.
„Фокусот беше ставен на подобрување на регионалната поврзаност, при што двајцата соговорници ја потврдија стратешката важност на забрзаната изградба на Коридорот 8 за просперитетот, стабилноста и безбедноста на регионот и Европа. Особено, потребни се конкретни чекори за заедничка изградба на прекуграничниот железнички тунел по стапувањето во сила на Меѓувладиниот договор од 6 ноември 2025 година“,
се вели во соопштението на бугарското МНР.
Инаку, средбата на Муцунски и новата министерка за надворешни работи на Бугарија доаѓа по нејзината неодамнешна изјава, дадена по министерскиот состанок во Брисел, во која го употреби терминот „северномакедонски“ за означување на македонскиот народ. Петрова на 11 мај рече дека на средба со Муцунски на маргините на состанокот на Советот за надворешни работи на Европската Унија во Брисел ги информирала своите „северномакедонски“ партнери за непроменеиот став на Софија – дека Северна Македонија треба да ја почитува преговарачката рамка со ЕУ од 2022 година.
На нејзината изјава тогаш реагираше Муцунски, велејќи дека имал едноминутен разговор, а не средба со Петрова-во Брисел, при што употребата на терминот „северномакедонски“ ја оцени за несоодветна и неточна.
Три дена подоцна, односно на 14 мај, шефот на македонската дипломатија на прес-конференција информира дека побарал официјална билатерална средба со својата нова бугарска колешка – Велислава Петрова, која како што рече потенцијално треба да се случи во Шведска на состанок на министрите за надворешни работи на членките на НАТО.
Средбата се случи денеска во Хелсиборг, а според официјалните соопштенија и изјави на социјалните мрежи, двајцата шефови на дипломатиите си ги пренеле веќе познатите позиции на двете држави во однос на меѓусебниот спор.
