Министерот за надворешни работи вели дека за потенцијалната средба со бугарската министерка Велислава Петрова-Чамова засега не е добиена потврда од официјална Софија, но е оптимист дека ќе има позитивен одговор
Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски информира дека побарал официјална билатерална средба со својата нова бугарска колешка – министерката за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова-Чамова. Потенцијалната средба, како што рече Муцунски на денешната прес-конференција, би се одржала во Шведска, каде што за десетина дена отсега е закажан состанок на министрите за надворешни работи на членките на НАТО.

„И покрај сè она што се случи во изминатите денови, мојот став беше прилично јасно артикулиран и јавноста го слушна за онаа несекојдневна и непријатна епизода од пред некој ден. За десетина дена сме во Шведска на состанок на министри за надворешни работи на земји членки на НАТО. Јас побарав, на моја иницијатива, да остварам официјална билатерална средба со мојата колешка од Бугарија на која една од темите за дискусија ќе бидат и овие неевропски услови кои ѝ се наметнуваат на нашата држава“,
рече Муцунски одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција.
И покрај сè, додава тој, потребен ни е дијалог со Бугарија.
„Мораме да имаме дијалог колку и да не се согласуваме и колку и некогаш да имаме дијаметрално спротивни ставови за различни теми. Дијалогот не мора да значи попустливост. Тоа се две сосема различни работи“,
порача министерот.
Муцунски вели дека за потенцијалната средба со Велислава Петрова-Чамова засега не е добиена потврда од официјална Софија, но е оптимист дека ќе има позитивен одговор.
Новата шефица на бугарската дипломатија во понеделникот рече дека имала средба со министерот Тимчо Муцунски во рамки на посетата на Брисел и дека својот „северномакедонски“ партнер го информирала за непроменетиот став на Бугарија – дека Северна Македонија треба да ја почитува преговарачката рамка со ЕУ од 2022 година. На ова реагираше Муцунски, велејќи дека имал едноминутен разговор, а не средба со Петрова-Чамова во Брисел, при што употребата на терминот „северномакедонски“ ја оцени за несоодветна и неточна.
