Петтиот столб санкции вклучува нови забрани за увоз, во вредност од 5,5 милијарди евра за да се прекине дотокот на пари од Русија и нејзините олигарси за производи од дрво до цемент, од морски плодови до пијалаци
Европската комисија денеска го предложи петтиот пакет санкции против Русија кој вклучува забрана за увоз на јаглен, забрана на сите трансакции за четирите клучни руски банки, забрана за прифаќањето на руските бродови на европските пристаништа, како и дополнителни санкции кои би вклучувале забрана за увоз на нафта.
Досегашните четири пакети санкции кои ЕУ ги воведе „тешко ги погодиле и ограничиле политичките и економски можности на Кремљ и гледаме реални резултати“, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
„Мораме дополнително да го засилиме нашиот притисок и денеска предлагаме нови, поостри и посеопфатни санкции кои уште повеќе ќе ја погодат руската економија“,
изјави Фон дер Лајен.
Петтиот пакет санкции се базира на шест столба. Првиот е забрана за увоз на јаглен од Русија, која годишно изнесува четири милијарди евра. Вториот столб е забрана за трансакции за четирите клучни руски банки, вклучувајќи ја и ВТБ, втората најголема руска банка. Четирите банки кои целосно би биле исклучени од пазарот претставуваат 23 отсто од рускиот банкарски сектор.
Третиот столб е забрана за руски бродови и бродови со кои управуваат Руси на европските пристаништа. Овде е оставена можноста за исклучоци за бродови кои пренесуваат храна, земјоделски производи, хуманитарна помош или енергија. Дополнително се предлагаат и забрани за руските и белоруските превозници во патниот сообраќај.
„Оваа забрана дополнително ќе ја ограничи можноста на руската индустрија да дојде до клучна стока“,
информира Комисијата.
Проширување на листата на санкционирани лица
Четвртиот столб предвидува понатамошни зацртани забрани за извоз вредни 10 милијарди евра во сектори во кои Русија е најранлива.
Ова ги вклучува, на пример, квантните компјутери и напредните полупроводници, чувствителните машини и транспортната опрема, што дополнително треба да ја деградира технолошката база и индустрискиот капацитет на Русија.
Петтиот столб санкции вклучува нови забрани за увоз во вредност од 5,5 милијарди евра за да се прекине дотокот на пари од Русија и нејзините олигарси за производи од дрво до цемент, од морски плодови до пијалаци.
Шестиот столб, пак, вклучува забрани за руски компании да учествуваат во јавни набавки со државите членки на Унијата, како и забрани за каква било финансиска помош од ниво на држави членки на Унијата.
Исто така, Европската комисија во новиот пакет санкции предвидува проширување на листата на санкционирани руски истакнати личности.