Кичевецот суспектен на мајмунски сипаници е негативен на тестот, порвтди вечерва портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ
Иако претходно одбиваше да се тестира на мајмунски сипаници, Кичевецот кој беше првиот пациент кај кого постоеше сомневање дека е заразен со мајмунски сипаници, денеска беше тестиран и ставен во изолација
Кичевецот кој денеска се тестираше на мајмунси сипаници е негативен на тестот, изјави вечерва за МИА портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ, откако претходно денеска лицето беше тестирано и ставено во изолација.
„Пациентот е негативен, нема потреба за понатамошна изолација, останува единствено да се третира за основната болест, но како ќе се третира и кога ќе биде укината изолацијата ќе одлучи Центарот за јавно здравје од Битола кој што го води здравствениот надзор“,
рече Мехмедовиќ.
Преку писмено соопштение вечерва негативниот тест на мајмунски сипаници на Кичевецот суспектен на болеста го потврдија и од Министерството за здравство.
„Од Институтот за јавно здравје сме информирани дека е завршено испитувањето на брисот земен од пациентот од Кичево суспектен на мајмунски сипаници и резултатот е негативен“,
велат од МЗ, потсетувајќи дека Институтот располага со доволно количество тестови за детекција на мајмунски сипаници, а тестирањето се врши по индикација утврдена од специјалист инфектолог.
Иако претходно одбиваше да се тестира на мајмунски сипаници, Кичевецот кој беше првиот пациент кај кого постоеше сомневање дека е заразен со мајмунски сипаници, денеска беше тестиран и ставен во изолација.
Во врска со овој случај, на последната прес-конференција на Комисијата за заразни болести, претседателот на Комисијата, Александар Петличковски потенцираше дека нема законска можност лицето да се присили за тестирање, бидејќи ова не е болест со која следи задолжителна изолација, туку има само препорака. Но, како што рече, постои можност да се побара здравствен надзор.
Освен Кичевецот за кого постоеше сомнеж дека има мајмунски сипаници, на 11 август Клиниката за инфективни болести потврди дека е хоспитализиран мигрант суспектен на мајмунски сипаници, кој беше повреден во сообраќајната незгода на патот Гевгелија-Демир Капија. Мигрантот, како што информира од Клиниката за инфективни болести, е тестиран и е негативен.