Под дрвото завршиле по четворица државјани на Хрватска и на Чешка

Осуммина хрватски и чешки државјани, меѓу кои три деца, се полесно повредени откако денеска врз нив паднал бор на плажата пред хотелот „Цриквеница“, а по извршените прегледи сите се пуштени од Клиничкиот болнички центар во Риека, соопшти приморско-горанската полиција.
Борот, висок 13,5 метри, паднал денеска во 11:10 часот откако стеблото се скршило кај коренот. Под него се нашле четворица хрватски и четворица чешки државјани, меѓу кои две деца од Хрватска и едно од Чешка.
Сите успеале да се извлечат од под стеблото пред да пристигнат полицијата и другите итни служби. Се здобиле со површински рани и гребаници и превентивно биле пренесени во Клиничкиот болнички центар во Риека, од каде што по прегледите биле пуштени.
Материјална штета немало.
Комуналното претпријатие од Цриквеница „Екомурвица“ изрази жалење поради настанот и најави дека, во соработка со експерти и надлежните служби, ќе ги утврди околностите што довеле до паѓање на дрвото.
Станува збор за алепски бор, вид кој природно развива релативно плиток корен. Од „Екомурвица“ наведуваат дека врз стабилноста на зрелите дрвја можат да влијаат повеќе фактори, меѓу кои долготрајната суша, како и карактеристиките на почвата и теренот.
Плажата се наоѓа на насипан терен, што исто така може да влијае врз стабилноста на коренот, наведуваат од комуналното претпријатие.
По овој настан, „Екомурвица“ најави дополнителна проверка на дрвјата на оваа плажа и на други фреквентни јавни површини, со цел да се утврди дали има дрвја за кои се потребни дополнителни стручни процени или мерки.

„Прво се слушна кршење, а потоа луѓето почнаа да врескаат“
Жителка на Загреб била сведок на паѓањето на борот и раскажа дека, според неа, дрвото се паднало речиси само од себе.
„Во суштина, борот падна сам од себе. Зошто и како, тоа веројатно ќе го утврдат. Нашите крпи останаа таму, ги нема никаде“,
рече таа.
Таа се присети и на моментите непосредно пред несреќата.
„Прво се слушна како нешто да пукна. Веројатно пукнало долу, при основата на стеблото. Потоа луѓето почнаа да врескаат, а сите ние веднаш станавме и потрчавме“,
раскажа сведокот.
