Кичеец на 4 септември учествуваше во сообраќајката на патот Гостивар-Кичево во која загина едно лице, а за која обвинителството отвори истрага во која тој е осомничен дека ја предизвикал
Осудениот Зоран Милески-Кичеец повеќе не е сместен во отвореното одделение во затворот во Струга туку во полуотвореното, со цел да им биде достапен на истражните органи, кои го сомничат и за предизвикување на сообраќајката од 4 септември на патот Гостивар-Кичево во која загина едно лице.
„Осуденото лице Зоран Милески-Кичеец е преместено од отворено во полуотвореното одделение во Затворот Струга. Тоа значи дека тој повеќе нема да може да ги користи олеснувањата кои ги добиваат сите осудени лица во отворените одделенија. Причина за ваквата одлука е новата кривична постапка која се води против Милески. Со ова решение тој ќе продолжи да ја издржува затворската казна и ќе биде достапен за истражните органи“,
соопштија од Управата за извршување санкции (УИС).
Додека беше во отвореното одделение од затворот, како што пишувавме, имаше опција за секојдневно излегување од работа, користење викенд, годишен одмор…
Кога Кичеец ја направи сообраќајката, се наоѓаше на 30-дневен прекин од извршување на затворската казна поради, како што објаснија од УИС, здравствени причини. По сообраќајката, тој како осуденик кој беше на прекин од издржувањето, доби притвор, но набрзо беше укинат, а Кичеец вратен во струшкиот затвор.
Во сообраќајката тој возеше автомобил „мерцедес“, а со него имаше двајца сопатници од Србија. Во несреќата седум лица беа повредени, едно загина, а обвинителството потоа соопшти дека отворило истрага против него затоа што не ја приспособил брзината и претекнувал на полна линија со што ја предизвикал сообраќајката.
Кичеец има одлежано повеќе од половина од тригодишната затворска казна која ја доби во случајот „Рекет“ откако призна вина уште на првото судско рочиште.