Во ниту еден светски медиум никаде во светот на ниту еден континент не сум прочитал да има ваков настан дека човек кој е во затвор направил сообраќајка, вели Пендаровски
Не сакам да навлезам во патетика во денови кои сме во национална жалост, но ако 30 дена се добива отсуство за аритмија, ние имаме луѓе, жени, бивши функционери во затворите кои имаат деца и со години не може да видат, не може да добијат викенд за да ги видат освен преку затворсите решетки и тоа не е правилно, ниту праведно, вели Пендаровски
Претседателот на државата, Стево Пендаровски, во вечерашното интервју за „360 степени“ зборуваше за низа трагични и кривично-правни настани кои се случиле во земјава од независноста до денеска, а кои, како што рече, се многу напластени и создаваат недоврба кај граѓаните.
Тој спомена за бродската несреќа во Охрид кога загинаа 15 бугарски туристи, но и случајот од пред неколку години кога автобус на компанијата „Дурмо турс“ излета од патот и загинаа околу 16 лица. Пендаровски вели дека ваквите случаи се напластуваат и создаваат недоверба кај граѓаните.
„Еве еден од поновите случаи кој е апсурд и од човечки, од правен, од политички, од кривично-правен аспект. тоа случајот познат како ‘Кичеец’. Во ниту еден светски медиум никаде во светот на ниту еден континент не сум прочитал да има ваков настан дека човек кој е во затвор направил сообраќајка. Особено со двајца странски државјани, нешто кое посебно ме интересира кои се тие странски државјани, дали можеби некој е двое државјанин, македонско и тоа другото и тоа ќе биде интересно да се види, а тоа истрагата ќе треба да го покаже дали е точно“,
рече Пендаровски.
Тој се осврна и на аспектот дека Зоран Милески – Кичееец е осуден и отслужува затворска казна, а со тој факт, според него, апсурдно е што затвореник завршил во притвор.
„Навистина не можам да разберам и како правник меѓудругото, како човек кој е во затвор и во тој момент треба да служи затворска казна вие му давате мерка притвор. Значи, човек кој е во затвор добива мерка притвор, не, тој треба да се врати во затвор. Притворот е мерка која треба да го обезбеди лицето, но тој е во затвор и не може да му се даде притвор“,
вели Пендаровски.
Претседателот додаде дека до денеска не знае кое соопштение е покредибилно, дали дека Кичеец добил ослободување од 30 дена бидејќи тој имал здравствени проблеми или затоа што неговата мајка имала здравствени проблеми.
„Зборувам за соопштенија кои се лиферувани од официјални институции. Тоа мора да се расчисти. Не сакам да навлезам во патетика во денови кои сме во национална жалост, но ако 30 дена се добива отсуство за аритмија, ние имаме луѓе, жени, бивши функционери во затворите кои имаат деца и со години не може да видат, не може да добијат викенд за да ги видат освен преку затворсите решетки и тоа не е правилно, ниту праведно“,
вели Пендаровски.