Додека ексдиректорот на УБК е недостапен за органите на прогонот, Коневски не одговара на телефонските повици за евентуално да даде повеќе информации за вчерашната средба во кафулето во близина на „Мериот“
Во неделата, рано попладне, Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК и обвинет во неколку случаи на расформираното СЈО, пиеше кафе во локалот „Дистрикт“ во друштво на поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, за вечерта да стане недостапен за полицијата, која сега трага по него, затоа што му е одреден куќен притвор пред пресудата за „Таргет-Тврдина“.
Новинари на „360 степени“ ги забележаа вчера Мијалков и Коневски во кафулето во близина на хотелот „Мериот“, каде што сега врие од полиција. Но додека Мијалков е недостапен за органите на прогонот, Коневски не одговара на телефонските повици за евентуално да даде повеќе информации за последната средба со ексдиректорот на некогашната УБК.
Во саботата Коневски беше меѓу членовите на Иницијативниот одбор за утврдување одговорност на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за изборниот резултат минатата година, кои го промовираа слоганот на вонредниот конгрес, кој го закажаа за 28 март.
Мијалков, инаку прв братучед на експремиерот Никола Груевски (кој веќе две години е бегалец и има азил во Унгарија), беше на чело на УБК од 2006 до 2015 година, кога поднесе оставка по настаните во кумановско Диво Насеље, заедно дотогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, а во истиот „пакет“ за оставки беше и Миле Јанакиески, поранешен министер за транспорт и врски.
Во изминатите неколку години, Мијалков неколкупати беше во притвор или во куќен притвор, како осомничен во предмети што произлегоа од масовното нелегално прислушување („Империја“). Овој пат куќниот притвор го одреди Основниот кривичен суд во Скопје, по предлог на обвинителството, кое побарало построга мерка на претпазливост во пресрет на изрекување на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“ на 26 февруари.