Пресудата за масовното прислушување во земјава во периодот од 2008 до 2015 г. ќе се изрече наредниот петок (26 февруари). Обвинетите останаа на теоријата дека не учествувале во нелегално следење на комуникациите, ниту ништењето на опремата, според нив, било незаконско. Обвинителството, пак, побара осудителна пресуда за сите, а максимални затворски казни за Мијалков, Грујевски и Николиќ
Доцна вечерва во Основниот кривичен суд во Скопје заврши рочиштето за завршни зборови на одбраната во случајот „Таргет-Тврдина“ кој се однесува на масовното прислушување и уништувањето на опремата од УБК. По завршувањето, судот закажа изрекување на пресуда за една недела – нз 26 февруари.
Ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, кој е еден од обвинети не даде завршен збор, а во краткото обраќање пред судот вечерва, рече дека останува на она што го изнеле неговите адвокати.
Неговите бранители, пак, ја бранеа теоријата која и досега ја застапуваше одбраната, дека службите на УБК не го правеле масовното прислушување.
Оспорување на свиркачите
Адвокатот Петар Василев, кој е дел од одбраната во „Таргет-Тврдина“, во завршните зборови ги оспоруваше двајцата свиркачи од УБК, Звонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски, кои се појавија во судница како едни од клучните сведоци на поранешното СЈО.
Двајцата свиркачи, беа опфатени во случајот „Пуч“ отворен кога изби аферата за прислушувањето, а за кој беше повлечено обвинението. Тоа Василев го искористи поставувајќи теза дека нивното ослободување е причина тие да му се стават на располагање на СЈО и да дадат искази кои му одговараат на обвинителството.
„Не е потребно посебен напор да се заклучи дека овие два сведоци на кои почиваат обвинувањата биле особено мотивирани и инспирирани да му се стават на располагање на оној кој ги ослободил од сериозни кривично правни последици и докажани обвиненија и да дадат искази во насока на она што се бара од нив“,
рече Василев.
Тој посочуваше и примери од нивните искази, кои според одбраната наметнуваат многу нелогичности.
„Сведокот Звонко Костовски сведочеше дека наводно згрозен од она што некој го правел во УБК вадел аудиосодржина од системите единствено од причина да во идна судска постапка докаже дека таа аудиосодржина произлегува од системите во УБК. Во истиот тој исказ тој наведува дека содржината од оригиналните ДВД дискови кои можеле да му послужат како доказ, ја префрлал на УСБ, а од УСБ истите овие содржини го зачувувал во харддиск. Нели е нелогично сведокот да сака да докажува нешто, а притоа самиот да ги уништува ДВД дисковите?“,
рече Василев.
Адвокатот дури го обвини по свиркачот дека со оглед на неговата позиција и привилегиите кои ги имал за влегување во системите за следење, сам вметнувал телефонски броеви на лица од негов интерес и собирал аудио содржини.
„Судот треба да го цени фактот дека ако во УБК се вршело прислушување од страна на службата сигурно немало да биде дозволено да излезе надвор од неа, зарем некој е толку неинтелигентен да врши толку масовно прислушување, да собира аудиосодржина и да го остави Звонко да работи што сака и како сака. Тука е јасно дека станува збор за индивидуална злоупотреба на доверените овластувања и довербата на колективот“,
рече бранителот.
Тој се обиде да го оспори и вториот свиркач од МВР, Ѓорѓи Лазаревски, а тука го искористи и исказот на Зоран Верушевски, кој кога сведочеше не одговараше директно дали од Лазаревски ги добил „бомбите“, а настапуваше и со тоа дека информациите за прислушувањето не завршувале кај него како име и презиме туку во партијата СДСМ каде бил одговорен во делот за безбедносната политика.
Ваквото сведочење, денеска беше искористено од одбраната за да се дискредитира свиркачот Лазаревски.
„Тој наведе дека податоците кои биле излекувани од системот лично му ги доставувал на едно лице (Зоран Верушевски) кое беше сведок. Тоа не е проблем, во ред е изјавата до тука, меѓутоа кога дојде да сведочи тој сведок категорично негираше дека кога било се сретнал со Ѓорѓи за таа работа и иако во неколку наврати се обидувал да стапи во контакт со него, сведокот не сакал ни да слушне за такво нешто“,
рече Василев.
Израелците во одбраната на обвинетите
Адвокатот во завршните зборови ја застапуваше и теоријата која ја наметна обвинетиот Мијалков кога на едно од претходните рочишта даваше одбрана, а тоа е дека прислушувањето го правел некој трет. За тоа доказ, според одбраната е извештај на израелска компанија која во октомври-ноември 2014 година нотирала дека во Скопје има најмалку еден активен систем за пресретнување на комуникациите преку ГСМ (Global Sistem Mobile).
Обвинителството, пак, ваквата теорија ја побиваа со вештачење кое утврдува дека Израелците неосновано констатирале дека тој период имало незаконско следење на комуникациите од причина што не им биле дадени сите податоци, па обични радиоканали биле детектирани како незаконски базни станици каде се пресретнувале комуникациите.
Останатите адвокати на Мијалков, Љупчо Шврговски и Миле Петровски, пак, зборуваа за други аспекти на одбраната, па тука ги споменаа аболициите од поранешниот претседател Ѓорге Иванов, кои според одбраната не можеле да се повлечат, а ги анализираа и останатите докази на обвинителството.
Според одбраната, не се докажало дека ексшефот на УБК бил создавач на групата за незаконско прислушување, твдеа дека не се докажало оти давал некакви наредби за прислушувањето и дека ја злоупотребувал положбата.
„Судот нема право да им суди на Горан Грујевски и Никола Бошкоски“
Дел од обвинетите во „Таргет-Тврдина“ се и поранешните вработени во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошкоски и на нив им се суди во отсуство со оглед дека избегаа во Грција.
Нивниот адвокат, Петар Василев, во завршните зборови за нив настапи со теза дека судот нема право да им суди со оглед дека Грција веќе одбила да ги екстрадира.
„Доколку некој кој се бара да биде екстрадиран не биде екстрадиран, за тоа дело за кое не е екстрадиран судот нема право да води постапка. Овие две лица не се екстрадирани, сметам дека судот нема право да води постапка“,
рече Василев.
„Мијалков и Грујевски меѓу создавачите на групата за прислушување“
Токму споменатите обвинети, Сашо Мијалков и Горан Грујевски, во завршните зборови на обвинителството беа споменати како едни од главните осомничени односно обвинителката Ленче Ристоска двајцата, заедно со поранешната началничка од МВР, Надица Николиќ, ги посочи како создавачи на групата за прислушување и поради тоа побара максимални затворски казни за нив.
„Иако се работи за кривични дела за кои е запретана максимална затворска казна до 5 години, сепак имајќи го предвид последиците на кривично дело и импактот кои овие последици го имаат како на животите на лицата чии комуникации биле незаконски следени така и импактот на целокупните општествени процеси, сметаме дека нема пречка за обвинетите Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Надица Николиќ како создавачи на групата да бидат изречени максимални казни затвор за секоја од кривичните дела кои им се ставаат на товар“,
рече Ристоска.
Мијалков во случајот е обвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и за примање награда за противзаконито влијание, од кои последното му застарува на крајот на февруари. Грујевски, кому му се суди во отсуство откако избега во Грција, се товари за неколку кривични дела поврзани со злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување службена исправа. Николиќ е обвинета за злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба.
Во „Таргет-Тврдина“ обвинети се вкупно 12 лица, а меѓу нив е и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска. Таа се гони само за злоупотреба на службената положба и овластување во делот на уништувањето на еден од системите за прислушување во УБК, додека во делот на незаконското прислушување таа бараше да биде заведена како оштетена.
Јанкулоска денеска прва ги даде завршните зборови, побара ослободителна пресуда и им порача на судиите да не подлегнат на притисокот. Рече дека била една од најголемите жртви во масовното прислушување со околу 23 000 разговори, а целосно ја отфрли вината дека учествувала во уништувањето на опрема од УБК
„Јас најмалку имам мотив да му помагам на некој што е поврзан со овој монструозен чин на масовно кршење на човековите права. Јас и моето семејството претрпевме и сè уште трпиме огромни последици од прислушување. Тоа почна со самото прислушување преку воајерското објавување приватни комуникации, кои се присутни и денес, кога сè уште трае медиумскиот линч кон мене. За сето ова време имам силен мотив овој скандал да се расчисти до крај и сторителите да бидат казнети затоа што тоа е мала сатисфакција на жртвите. Во мојот случај наместо сатисфакција добив обвинение и барање за долгогодишна затворска казна“,
рече Јанкулоска.
Заврши зборови дадоа и другите обвинети. Сите побараа ослободителна пресуда.