Министерството за внатрешни работи утрово официјално се огласи околу недостапноста на Сашо Мијалков и велат дека се преземаат мерки за негово пронаоѓање, но засега нема официјална потврда дека е распишана и потерница.
„Судот му одреди мерка куќен притвор на Сашо Мијалков. Преземаме мерки и активности за негово пронаоѓање“,
велат од МВР за „360 степени“ во нивното прво официјално огласување во врска со недостапноста на поранешниот шеф на УБК.
Мијалков, според сознанијата на „360 степени“, последен пат е забележан вчера околу 14 часот во кафулето „Дистрикт“, кое се наоѓа во рамки на хотелот „Мериот“, во непосредна близина на скопскиот плоштад. Таму, тој бил во друштво на поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски.
Од синоќа низ улиците на Скопје може да се забележи засилено присуство на полицијата, како и на повеќе адреси каде што престојувал и се движел обвинетиот Мијалков. Полиција и утрово е присутна пред хотелот „Мериот“, како и пред домот на Мијалков на Водно.
Барањето за построга мерка на претпазливост за обезбедување на присуството викендот го поднело обвинителството во пресрет на изрекувањето на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“, закажано за 26 февруари.
Таму Мијалков е еден од 12-те обвинети. Се гони за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и за примање награда за противзаконито влијание, од кои последното му застарува на крајот на февруари.
За него обвинителката Ленче Ристоска побара максимална затворска казна посочувајќи го како еден од создавачите на групата која го вршела нелегалното прислушување.