Истражувањето на регионалната иницијатива „Конвергенција кон ЕУ“ покажува дека Македонија со 64 проценти од просекот на ЕУ во однос на благосостојбата е на третото место од западнобалканската шесторка – зад Црна Гора и Србија, а пред Албанија, Косово и Босна и Херецговина. Сепак, сегашната предност не значи и конечен резултат меѓу соседите зашто Албанија и Косово, со актуелната динамика, пред Македонија би го достигнале европскиот просек
Зошто е тоа така и на што треба надлежните да се фокусираат во интервју за 360° зборуваат дел од авторите на извештаите – Виктор Митевски од Здружението за истражување и анализи ЗМАИ и Ана Милинковиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии
360°: Според вашиот извештај, Македонија е на 64% од просекот на Европската Унија во однос на вкупната благосостојба, а за да го достигне просекот на Унијата ќе ѝ требаат 52 години. Што значи ова за секојдневниот живот на граѓаните и зошто во 2025 година, наместо напредок, се забележува уназадување?
Виктор Митевски: Добро, констатацијата дека имаме мало и незначително назадување од 0,1 процентни поени – единствена земја од регионот со таков предзнак – укажува дека во изминатата година во споредба со претходната година, но и во просек со претходните пет години, се случило мало назадување на севкупната оценка. Ова истражување ја мери благосостојбата на граѓаните од осум области, не само економската благосостојба или економското приближување кон ЕУ, на кое се навикнавме да зборуваме колку сме далеку или блиску до Унијата. Овие бројки значат дека ако ЕУ во просек се движи исто како што се движела во изминативе пет години, и истото тоа се случува во Македонија, ако ништо не се промени (ниту станеме членка ниту имаме дополнителни средства или напори), ќе ни требаат толку години за да се доближиме до европскиот просек. За граѓаните ова значи дека сите услуги и добра што ги добиваат од овие осум области ќе бидат поблиску или подалеку од ЕУ во зависност од тоа како ќе спроведуваме реформи и ќе го исполнуваме она што сме го донеле како стратегии или закони. Процесот на пристапување кон ЕУ во суштина е бирократски процес на усогласување со законодавството, но клучното е тоа законодавство да биде имплементирано во пракса.

360°: Платите и пензиите растат, но кај продуктивноста се забележува стагнација. Во извештајот посочувате дека платите растат поради отсуството на работна сила поради иселувањето, што е проблем за целиот Западен Балкан. Колку е одржливо ваквото подобрување на стандардот – се зголемуваат приходите, меѓутоа без соодветно да расте она што се произведува во земјата?
Виктор Митевски: Многу е погрешно кога платата секогаш ја врзуваме само со продуктивноста, и притоа прстот за намалената продуктивност го посочуваме кон работниците. Еден од клучните фактори е иселувањето и намалувањето на расположливата работна сила, но не смееме да заборавиме дека имаме неактивно женско население во значајни проценти, кое може да го надополни овој јаз. За продуктивноста треба да го впериме прстот не само кон работниците, туку пред сè кон бизнис-секторот и владата. За да имаме попродуктивни работници и производи со додадена вредност, треба да овозможиме услови со инвестиции во технологии и иновации. Владата може ова да го поттикне со програми за поддршка и субвенционирање вакви инвестиции. Приказната дека платите не треба да растат затоа што не расте продуктивноста не држи вода, бидејќи бројките покажуваат дека и во моментов постои простор за покачување на платите, но тоа не се случува поради различни фактори.
360°: За инфраструктурата, животната средина, социјалната сфера… велите дека ако продолжат досегашните текови, ќе бидат потребни повеќе од 100 години да се достигне просекот на ЕУ. Што може да направат надлежните во наредните 4 до 5 години за граѓаните навистина да видат разлика?

Виктор Митевски: Спроведуваме сценарија кои покажуваат што се случува ако имаме статус кво, ако имаме пристап до кохезивни фондови, до пазарот или реформи во институциите. Сите овие сценарија покажуваат еден тренд: клучно за напредокот и забрзување на конвергенцијата е полноправно членство во ЕУ. Ние можеме да ја завршиме домашната задача во области како владеење на правото, но најголемиот товар за поголема благосостојба доаѓа со самото членство во ЕУ. Многу е полесно кога седнувате на иста маса со европските партнери како полноправна членка. Нашите власти треба да изградат систем отворен за промени, но истовремено и ЕУ треба да ја заврши својата задача кон Македонија. Ниту една сегашна земја членка не влегла во Унијата со целосна подготвеност; конвергенцијата кон европскиот просек се случува откако ќе влезете во Унијата.
360°: Кога зборуваме за регионот, Црна Гора се смета за првенец во однос на евроинтеграциите и благосостојбата со 69% до просекот на ЕУ, па следува Србија со 67%. На што се должи нивното приближување до просекот на ЕУ?
Ана Милинковиќ: Тоа треба да се гледа како една целина, бидејќи, на пример, Црна Гора е лидер во шест од осум области. Значи, нема една област во која Црна Гора е драстично подобра од другите, туку е за нијанса подобра во речиси секоја област во споредба со другите земји од Западен Балкан. Од друга страна, Србија, на пример, е лидер во дигитализацијата, но во другите области не се издвојува од земјите во регионот. И двете земји имаат значителни проблеми во одредени области, пред сè во инфраструктурата и заштитата на животната средина, каде што и Црна Гора и Србија се далеку под просекот на Европската Унија. Сепак, сето тоа не би го изедначувала со процесот на пристапување во Европската Унија, бидејќи показателите кои ги користиме мерат нешто поинакво од она што го мери Европската комисија преку отворањето и затворањето на поглавјата, во што Црна Гора е лидер. Тоа што Црна Гора е лидер и во конвергенцијата не може да се изедначи со тоа што е лидер во процесот на пристапување во Европската Унија.
360°: Албанија и Косово се под македонското ниво во однос на близината до европскиот просек, меѓутоа според вашите пресметки тие би стигнале многу побрзо до просекот – за 35 и 38 години, наспроти 52 за Македонија. На што се должи оваа пресметка?
Ана Милинковиќ: Тука би издвоилa два фактора. Од една страна, станува збор за едноставна математика – и Албанија и Косово тргнуваат од пониска основа во споредба со Северна Македонија. Затоа имаат поголем простор за остварување на таканаречениот ефект на достигнување, односно за остварување повисоки стапки на раст, а со тоа и напредок во други области. Од друга страна, постојат и објективни фактори што придонесуваат за нивните подобри резултати. Пред сè, Албанија е единствената земја во регионот во која е зголемена продуктивноста — и тоа за 10 процентни поени. Тоа е многу значаен резултат во споредба со другите земји. Би додала дека сметам оти е многу важно земјите од Западен Балкан да учат едни од други. Треба да гледаме во кои области нашите соседи постигнале добри резултати и да се угледаме на нив. Секако, треба да учиме од Европската Унија и нејзините членки, но мислам дека и меѓусебно можеме многу да научиме уште сега.

360°: Во анализата споредувате сценарија на полноправно членство со пристап само до европскиот буџет, до пазарот или со институционални реформи. Што покажува споредбата, колкав дел од придобивките можат да се добијат пред членството и што губат граѓаните со одложувањето на зачленувањето?
Ана Милинковиќ: Сценаријата покажуваат дека нема значителни разлики во тоа како различните сценарија влијаат врз економиите. Но, разлики има меѓу различните области. На пример, институциите најмногу зависат од членството, но и од одредени негови поткатегории, односно од институционалните реформи, кои во голема мера зависат и од властите во земјите од Западен Балкан. Од друга страна, дигитализацијата, на пример, во голема мера зависи од вклучувањето во заедничкиот пазар итн… Значи, влијанието на различните сценарија се разликува од област до област. Што се однесува до трошоците од чекањето, тоа не е нешто што го пресметувавме и проценувавме во рамките на проектот. Но, би истакнала – како еден од најголемите проблеми, со тоа одложување на спроведување на реформите, е одливот на населението, низ кој минуваат сите земји од Западен Балкан. Прашањето е – за 10, 20 или 30 години, ако дури тогаш се сетиме да ги спроведеме реформите, кој ќе живее во земјите од Западен Балкан? Односно, колкумина од нас ќе живеат во шесте земји на регионот?
