Владата вечерва ги објави фирмите кои ја злоупотребиле државната помош, односно барале и добиле пари за плати од државата ама не им ги исплатиле на работниците.
Конфузија засега предизвикува фактот што Владата објави два документи во ист ден. Во првиот список, кој беше непрегледен пдф-документ имаше барем една фирма повеќе од вториот документ кој освен во пдф (овојпат прегледен) беше објавен и во ексел-формат.
Токму објавувањето на списокот како ексел-документ понуди можност да се направи дополнителна анализа. Како на пример, од каде се фирмите чии газди добиле идеја да ја злоупотребат владината помош.
Анализата на податоците која ја направи „360 степени“ покажува дека во месец април најголем дел од фирмите кои злоупотребиле државна помош се регистрирани во Тетово (23), Скопје-Центар (17), Гостивар (16), Скопје-Чаир (15), Куманово (13), Кичево (12), Струга (12), Скопје-Аеродром, Бутел и Кисела Вода (9).

Седиштето на останатите компании може да го проверите на графиконот подолу кој е интерактивен.
Следниот месец, мај, се зголемил бројот на фирми кои решиле да побараат пари од владата за плати на работниците, за потоа да не им ги исплатат парите. Сепак, според општината во која се регистирани овие фирми, најголем дел од злоупотребите доаѓаат од горе-долу истите места.

Така, „лидери“ се повторно се газдите до Тетово, од каде доаѓаат 56 фирми кои ја злоупотребиле државната помош во мај. Потоа следи Гостивар (27), Струга (22), Скопје-Центар (19), Скопје-Чаир (18) и Куманово (16). Високо котираат и Битола, Кичево, Прилеп Аеродром, Боговиње, Гази Баба и Кисела Вода каде има меѓу 10 и 15 фирми кои ја злоупотребиле помошта.
Колку фирми што ја злоупотребиле државната помош има во другите општини може да се провери на интерактивниот графикон подолу.