Секоја молба за помилување се разгледува поединечно. Со делумното ослободување од извршувањето на неиздржаната казна затвор на лицето Абдуљфета Алими, претседателот не донесе одлука за околностите и настаните од 27 април, туку одлука за индивидуалната молба поднесена од Алими, реагираат од кабинетот на Пендаровски
Претседателот никогаш не одлучувал селективно, а со одлуката за делумното помилување на Абдулфета Алими во случајот „27 април“ тој не донесе одлука за околностите и настаните од Собранието во 2017 година, туку тоа е одлука за индивидуална молба на осудениот.
Ова е дел од реакцијата на кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, откако пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, изјави дека очекуваат наместо селективна правда по примерот на последната одлука, помилувањето да се прошири кон сите неправедно осудени кои се во затвор.
„Во врска со изјавата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, која се однесува на последната одлука за помилување на осудени лица од страна на претседателот Пендаровски и барањето за помилување на осудените во настаните од 27 април, информираме за следново: Секоја молба за помилување се разгледува поединечно. Со делумното ослободување од извршувањето на неиздржаната казна затвор на лицето Абдуљфета Алими, претседателот не донесе одлука за околностите и настаните од 27 април, туку одлука за индивидуалната молба поднесена од Алими. Претседателот никогаш не одлучувал селективно, така било до сега, така ќе биде и од сега“,
реагираат од кабинетот на Пендаровски.
Алими е еден од петтемина помилувани. Останатите четворица се од други предмети и за други дела и сите добија делумно помилување, освен едно лице кое доби целосно помилување.
Од кабинетот на претседателот претходно посочија дека сите помилувани ги исполнуваат условите. Во објаснувањето тие наведоа и дека шефот на државата најчесто дава делумни помилувања од три до осум месеци затвор, додека целосно дава само за лица кои се во животозагрозувачка здравствена состојба.