Со последната одлука на шефот на државата, помилувани се пет лица, меѓу кои делумно помилување доби и членот на собраниското обезбедување Абдулфета Алими, кој беше осуден на 6 години затвор, а за кој Зијадин Села тврдеше дека му го спасил животот
Наместо селективна правда, Пендаровски одлуката за помилувања да ја прошири кон сите неправедно осудени кои се во затвор, изјави денеска пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, одговарајќи на новинарско прашање во врска вчерашната листа на помилувања на претседателот Стево Пендаровски и затворените за настаните од 27 април 2017 откако на неа се најде и членот на собраниското обезбедување Абдулфета Алими, кој доби делумно помилување.
„Очекуваме неселективност во одлучувањето на Пендаровски, очекуваме неселективност во правдата. И наместо селективна правда по примерот на ваквата одлука таа да се прошири кон сите неправедно осудени кои се во затвор“,
рече Лефков.
Алими е осуден на 6 години затвор во првиот масовен судски процес за настаните од „крвавиот четврток“ во Собранието кој се водеше за кривичното тело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. За него, пак, лидерот на Алијанса на Албанците, Зијадин Села, тврдеше дека му го спасил животот. Алими од Пендаровски доби делумно помилување од 8 месеци.
Покрај него, на листата се најдоа уште четири други лица, кои се осудени во други случаи. Сите добија делумни помилување, освен еден затвореник кој е целосно помилуван.
Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, и во првичниот став синоќа, но и денеска во детално соопштение посочија дека сите помилувани ги исполнуваат условите. Во објаснувањето наведоа и дека шефот на државата најчесто дава делумни помилувања од три до осум месеци затвор, додека целосно дава само за лица кои се во животозагрозувачка здравствена состојба.