„Изјавата се однесува на интенцијата за вградување политички решенија во текстот на законот, особено во постапката за избор на обвинител кој ќе раководи со едно од обвинителствата. Бев член на работната група што го изработи текстот на законот, кој беше разгледан и во обвинителството и сметам дека тој обезбедува професионално и самостојно обвинителство“, вели државниот обвинител во изјава за „360 степени“
„Она што е неопходно, не заради Брисел, е носење на нов закон за јавно обвинителство, но ќе подвлечам, квалитетен и издржан закон, а не решенија кои ќе бидат резултат на дневнополитички договарања. Подобро да не се донесе закон отколку да се изгласа закон со вакви решенија.“
Оваа изјава на државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, од 24 декември 2019 г., е причината преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ да ја напушти денешната средба на пратеничките групи во Собранието со министерката за правда, Рената Дескоска, додека не им се исполни барањето Јовески да присуствува на состаноците.
„Министерката самата кажа дека претходно, во текот на декември, се консултирала со Јовески, а ние како пратеници не би имале можност да ги слушнеме неговите забелешки кои јавно ги изнел дека се работи за дневнополитички решенија… Изнесените забелешки на Јовески и, би рекол, остри критики од декември 2019 г. се премногу силни за да може тој, како јавен обвинител, да биде заобиколен на толку битни средби… Сметаме дека сите забелешки и амандмани треба да ги доставиме во присуство на републичкиот обвинител Љубомир Јовески како човек кој досега изразил најсериозна критика за овој предлог-закон“,
рече Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ по напуштањето на состанокот.
Текстот на законот што сега е на масата за преговори е доставен од власта до ВМРО-ДПМНЕ на 12 декември 2019 г., од што Милошоски влече заклучок дека изјавата на Јовески од 24 декември се однесува на него.
„360 степени“ го праша обвинителот Јовески што мисли за барањето на опозицијата за негово присуство на средбите, но и што мислел со изјавата што ја цитираше Антонијо Милошоски. Обвинителот вели дека дадената изјава се однесува на предлогот за вградување на политички решенија во изборот на обвинител кој ќе раководи со едно од обвинителствата.

„Веќе се изјаснив дека ако се отвори стручна расправа и ако бидам повикан, ќе учествувам на расправата, а во политичките договарања за донесување на законот не му е местото на јавниот обвинител на Република Северна Македонија. Тогаш дадената изјава се однесува на интенцијата за вградување политички решенија во текстот на законот, особено во постапката за избор на обвинител кој ќе раководи со едно од обвинителствата. Бев член на работната група што го изработи текстот на законот, кој беше разгледан и во обвинителството и сметам дека тој обезбедува професионално и самостојно обвинителство“,
вели Јовески за „360 степени“.
За вградувањето на политичките решенија во постапката за избор на шеф на едно обвинителство, кое го наведува Јовески, од дебатите кои се одвиваа изминатиот период познато е дека се споменуваа две варијанти. Едната од нив беше републичкиот јавен обвинител да се избира по предлог на опозицијата, додека другата беше опозицијата да го предлага шефот на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
За втората, Милошоски зборуваше и на прес-конференција во септември 2019 година кога објаснуваше каде се разидуваат во ставовите со власта. Тогаш се уште во игра беше варијантата да се формира ново обвинителство за гонење организиран криминал и ВИСОКА корупција. Пратеникот тогаш, објаснувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ е против формирање уште едно обвинителство туку е за да се задржи постојниот модел, рече дека предлагаат шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција да го предлага опозицијата.
„Предлагаме методологија која ќе даде сигурност дека нема власта да го има последниот збор и да избере владино подобен обвинител, туку опозицијата да предлага од оние што ќе конкурираат за тоа обвинителство. Доколку тој предлог не помине, се повторува постапката уште еднаш, доколку теоретски и тој предлог не помине тогаш опозицијата и владејачкото мнозинство имаат можност заеднички да предложат личност до Советот на јавни обвинители, доколку и тоа не се случи тогаш опозицијата го задржува правото да предложи тројца кандидати до Советот за јавни обвинители, кој што ќе одлучи согласно високите стандарди во законот кој од нив би бил избран за обвинител за организиран криминал и корупција“,
рече Милошоски на прес-конференција на 16 септември 2019 г.
ВМРО-ДПМНЕ: Треба да присуствува и Јовески
Денешното барање Љубомир Јовески да присуствува на средбата на претставниците на пратеничките групи, пратеникот Милошоски, освен на средбата зад затворени врати, го соопшти и пред новинарите во прес-центарот на Собранието.

„Затоа сметавме, бидејќи е државен функционер избран од Собранието, мора да биде присутен на една ваква средба која се однесува на предлог-законот за јавното обвинителство кое го раководи господинот Љубомир Јовески“,
рече Милошоски откако ја цитираше изјавата на Јовески од 24 декември 2019 г.
На средбата, која тој и другите од преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија, присуствуваа и претставници на ЕУ и на амбасадата на САД во Скопје, како и претставничка од Блупринт групата (мрежа невладини организации кои ги следат реформите во правосудството).
Барањата за вклучување на стручната јавност и меѓународниот фактор опозицијата ги соопшти неколку часа пред средбата во 16 часот во Собранието. Но, тогаш Јовески, барем јавно, не беше споменат.

„Да отстапиме од нашите барања, тоа нема да се случи. Тоа што го бараме е имплементација на сè она што веќе функционира и што помогнало за искоренување на криминалот и корупцијата во целиот развиен свет. Како ќе се одвиваат преговорите не можам да кажам однапред. Она што можам да го кажам е дека преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во преговорите исклучиво ако биде повикана и стручната јавност, но и претставниците на релевантниот меѓународен фактор. Токму оние на кои се повикува Заев бидејќи со ова што сега го предлагаа единствено што сакаат да постигнат тој и СДСМ е амнестија за сите криминали“,
рече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев одговарајќи на новинарски прашања.
За власта барањето за Јовески е само алиби
Министерката за правда, Рената Дескоска, смета дека барањето на ВМРО-ДПМНЕ за присуство на Љубомир Јовески на состаноците е само алиби. Кога се договарал форматот на средбата, рече таа, од опозициската партија барале да бидат присутни претставници на ЕУ и на амбасадата на САД.
„Форматот на средбата и кој би бил поканет надвор од пратеничките групи, беше договарано пред да почне средбата заедно со ВМРО-ДПМНЕ. Тие во ниту еден момент не побараа Јовевски или некој друг да биде присутен“,
рече министерката.

Дескоска вели дека иако од опозицијата претходно искажале вкупно девет забелешки, во суштина, нивната забелешка е една и целта е прекинување на сите постапки поврзани со незаконското следење на комуникациите.
„Жал ми е што постапија така. Но, морам да кажам дека беше и очекувано такво однесување, имајќи предвид дека тие, едноставно, не сакаа да дојдат и пред другите политички партии да го соопштат својот став кој е, практично, запирање на предметите од СЈО“,
изјави Дескоска.
Наредната недела јавна расправа и нова средба
Уште едно барање што го има опозицијата е да се организира јавна расправа. Таков настан ќе има наредната недела и тогаш, според најавите од министерката Дескоска, меѓу другите, ќе биде поканет и Љубомир Јовески.
За забелешките од останатите пратенички групи, таа не сподели детали, но најави дека повторно ќе седнат на маса.

„Тие истакнаа определени заложби за зацврстување на одредени позиции, за менување на одредени одредби. Се обврзавме дека наредната недела ќе седнеме уште еднаш, прво на јавна расправа, а потоа и подетално ќе има произнесување од сите политички партии“,
рече Дескоска.
Од ВМРО-ДПМНЕ на средбата не дале предлози на писмено. Во изјавата за медиумите Милошоски рече дека смета оти Зоран Заев со овој закон се обидува во системот да вгради обвинители кои понатаму ќе го штитат од криминалите што ги направил.
Сепак, тој посочи дека законскиот текст е добра основа за понатамошни преговори.
*Поврзани вести:
ВМРО-ДПМНЕ ја напушти средбата за законот за ЈО – бара да дојде и Јовески (ВИДЕО)
Независните од ВМРО-ДПМНЕ бараат во Собрание, а не во штабови да се разгледува законот за ЈО
Дескоска попладнево на средба со сите пратенички групи за законот за ЈО