Јавен обвинител до судија на претходна постапка достави предлог за определување повеќе мерки на претпазливост со цел обезбедување на осомничениот, како и забрана тој да се приближува до докторот и до неговата ординација
Скопското обвинителство донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за насилство врз гинеколог кој бил на своето работно место во поликлиниката „Букурешт“.

Во описот на случајот, според досега обезбедените докази, се вели дека на 16 септември во приватна ординација во склоп на поликлиниката „Букурешт“, осомничениот извршил грубо насилство врз лекар гинеколог, кој бил на неговото работно место.
„Му се заканувал и физички го нападнал со повеќе удари, а предизвикал чувство на несигурност, загрозеност и страв и кај други присутни во ординацијата“,
се вели во соопштението од ОЈО Скопје.
Јавен обвинител до судија на претходна постапка достави предлог за определување повеќе мерки на претпазливост со цел обезбедување на осомничениот, како и забрана тој да се приближува до докторот и неговата ординација.
Пред два дена, гинекологот Дејан Огненовиќ во изјава за телевизијата Сител рече дека бил нападнат во својата ординација во рамките на поликлиниката „Букурешт“ во скопски Карпош, при што се здобил со повреда на вратен пршлен.
Според неговото сведоштво дадено во телефонска изјава за телевизијата, мотивот за нападот е последен во низата закани што ги добивал во изминатиот период.
Тврди дека целта е да биде отстранет, односно преселен од ординацијата, а за тоа ја посочува конкуренцијата.
