Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, сметаат дека законот за јавно обвинителство, кој го предлага Министерството за правда, треба веднаш да се достави до Собранието за да имаат увид во текстот.
„Крајно несериозно е една година неколку луѓе, а не Собранието, преку пратениците да имаат разговори зад затворени врати. Процесот треба да биде инклузивен, освен ако обете партии не сакаат политички договор наместо добар закон“,
наведуваат од оваа пратеничка група.
Поради тоа, но и поради важноста на законот за ЈО која ја истакнал еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји, тие излегоа со три барања.
„Министерството за правда уште денес треба да го достави законот во Собранието на разгледување на сите политички субјекти, таму каде што му е местото, а не во политичките штабови. Претседателот на работното тело што ќе биде назначено, ВЕДНАШ да ги контактира експертите од областа, граѓанскиот сектор и засегнатите професионалци и итно да закаже јавна расправа во која ќе се вклучат и меѓународни преtставници за целосна транспарентност на процесот. Според забелешките од јавната расправа, политичките партии да се постават на ниво на државотворни чинители, да се надминат себеси и да понудат решение што ќе ги приближи нивните ставови. Во духот на владеењето на правото, по таков инклузивен процес, и нашата пратеничка група, како и другите, ќе ги понуди своите размислувања за што подобро законско решение“,
наведуваат во соопштението.
Експремиерот Зоран Заев денеска рече дека има сериозна надеж дека оваа пратеничка група ќе се вклучи и ќе го поддржи носењето на законот, а претходно тој изјавуваше и дека тие ќе бидат првите со кои ќе разговара и од кои ќе бара поддршка за обезбедување на двотретинско мнозинство.
Денеска нивни, но и претставници на сите пратенички групи треба да се сретнат во Собранието со министерката за правда Рената Дескоска.
И од Беса најавија дека ќе присуствуваат на средбата, но имаа забелешка што се поканети со задоцнување. Нивните забелешки се во делот на надзорот на работата на обвинителството.
На средбата во улога на набљудувач се очекува да присуствува и претставник од граѓанскиот сектор, конкретно од Блупринт-групата која се состои од невладини организации кои ги следат реформите во правосудството.
Во однос на средбата и преговорите за законот за ЈО, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, денеска изјави дека нивниот преговарачки тим ќе учествува во преговори само ако се вклучат стручната јавност и меѓународниот фактор.