Експремиерот Зоран Заев денеска повторно апелираше до сите политички партии и пратенички групи да преземат одговорност околу носењето на законот за јавно обвинителство (ЈО) посочувајќи дека тој сè повеќе се поврзува со добивање датум за преговори поради што повеќе не е недозволиво одолговлекување на ова прашање.
„Носењето на закон за ЈО ја гарантира европската иднина на државата. Од страна на високи претставници на Европската Унија (ЕУ), сè повеќе се нагласува потребата за носење на овој закон и се поврзува со датумот за отпочнување на преговори со Унијата“,
рече Заев.
Лидерот на СДСМ смета дека има кратко време за носење на законот со оглед дека парламентот се распушта на 12 февруари и има парламентарна процедура пред финалното гласање за законот, поради што недозволиво е повеќе да се одолговлекува ова прашање. Тоа е причината и што во консултација со министерката за правда Рената Дескоска заедно одлучиле да ги повикаат на средба пратеничките групи.
„Во комуникација сме со независните и знам дека денеска тие ќе се изјаснат за нивното учество во носењето на законот и за нивните ставови. Уште еднаш напоменувам дека е добро е да учествуваме сите. Полагам сериозна надеж кај пратениците од независната група на ВМРО-ДПМНЕ, но и кај пратениците и од македонската и од албанската опозиција. Полагам сериозна надеж кај парламентарното мнозинство“,
рече Заев нагласувајќи дека ќе се обидат, ако не консензус, барем да обезбедат двотретинско мнозинство.
На прашањето за можноста опозицијата да го предлага јавниот обвинител, Заев ѝ порача на ВМРО-ДПМНЕ да ги формулира предлозите на писмено и да учествува на дебатите и дека тие се подготвени да дискутираат за сето тоа што не ги надминува црвените линии и европските рамки.