Како што рече директорот на „Слобода превоз“, тие нема да почнат со работа сè додека не им биде исплатен долгот. Од координаторите на советничките групи во Советот на Град Скопје биле информирани дека в понеделник на седница за советнички прашања ќе побараат одговори од градоначалничката Данела Арсовска за случајот
Директорот на здружението на приватни превозници „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, по денешната средба изјави дека е задоволен од состанокот со координаторите на советничките груби во Советот на Град Скопје и, како што истакна, ја постигнале целта.

Присуството на претставници на сите советнички групи, како што истакна Јовановски, укажува дека тие се заинтересирани да се реши проблемот со долгот што ЈСП „Скопје“ го има кон приватните превозници, поради што престанаа да сообраќаат на линиите што ги опслужуваа во главниот град.
Сепак, како што рече директорот на „Слобода превоз“, нема да почнат со работа сè додека не им биде исплатен долгот.
„Пред нив беа презентирани факти и документи од кои можат да се запознаат со реалната состојба за разлика од она што се истакнува во јавноста. Бевме сослушани, бевме прашани, одговоривме на сите прашања на советниците. Она што го кажаа тие е дека на следната седница в понеделник преку советнички прашања ќе побараат одговори за сè она за што ние не можеме да добиеме. Советот како орган ќе направи сè за надминување на оваа состојба. Добро е што сакаат таа да се реши. Значи, целта на средбата е постигната“,
изјави Јовановски.
Останува, како што додаде тој, пожешкиот проблем со ЈСП кој без образложение и причина ги одложува исплатите на средствата.
„Иако и таму работат без доволно средства, сепак решението мора да дојде од јавното претпријатие и мора да побара од Советот, кој, како што ни беше кажано, е единствениот што може да побара дополнителни средства кои би биле уплатени за да можат да си ги сервисираат долговите“,
рече директорот на „Слобода превоз“.
Јовановски, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека тие како претставници на превозниците борбата за наплата на долговите ќе ја водат преку институциите, а околу евентуални блокади и протести одлучуваат самите превозници.
„Ние како претставниците нашата борба ќе ја водиме на еден ваков начин со вакви средби, претставки и тужби кои ни се на располагање, додека приватните превозници го остваруваат своето право на штрајк, протести, работење, неработење – сè она што можат да го направат за да извршат притисок за овој долг да се реши“,
рече Јовановски.
Приватните градски превозници утрово излегоа на протест пред просториите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) „Скопје“ поради неисплатениот долг од страна претпријатието кое е под надлежност на Град Скопје.
Тие, како што најавија, ги паркираа автобусите на булеварот пред управните простории на ЈСП и бараат средба и објаснување од директорот на јавниот градски превозник Александар Стојковски за доспеаниот долг кој, според нив, за неколку дена ќе достигне два милиони евра.
Хаосот со јавниот превоз во Скопје почна пред еден месец, кога вработените на ЈСП „Скопје“излегоа на протест поради неисплатени плати, а главниот град за прв пат во историјата цел ден остана без јавен градски превоз.
По ЈСП, со работа престана приватниот превозник „Макекспрес“ поради неисплатен дол од ЈСП, а од понеделникот, оваа неделава од истите причини престанаа да сообраќаат и автобусите на другиот приватен превозник „Слобода превоз“.
Вчера градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска на прес-конференција излезе со тврдења дека здруженијата на двата приватни јавни градски превозници „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ во изминатите пет години, односно од 2017 до денес, немаат пријавено ниту еден продаден билет во автобусите кои возат за двете здруженија, а истовремено од Јавното сообраќајно претпријатие ги наплаќале фактурите за извозените километри за сума од едно евро по километар.
По Арсовска, вчера со прес-конференција излезе и директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, кој ги демантираше обвинувањата на градоначалничката на Скопје.
„Најодговорно тврдам дека `Слобода превоз` од воведувањето на системот, а и никогаш претходно, не била таа која што продавала билети за превоз. За билетите, од набавка, продажба и собирање на парите исклучиво е надлежно Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП). Ниту еден приватен превозник не продава билети во своите автобуси на каков било начин“,
рече Јовановски.
Осврнувајќи се на изјавата на Арсовска за тоа дека ќе има нови огласи за аплицирање за превозниците повторно да се вклучат во сообраќајот, рече дека тоа е возможно и оти немаат ништо против тоа.
Автобусите кои возат за здружението „Слобода превоз“ од понеделникот, оваа недела прекинаа да сообраќаат на линиите 9, 12, 22, 23 и 45, поради неисплатен долг од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ и Градот Скопје.
Разговорите меѓу директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски со генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров за надминување на состојбата завршија без договор, што уште повеќе го зголеми антагонизмот меѓу приватниот превозник и Градот Скопје, односно градоначалничката Арсовска.