Доколку дипломатската нота добие позитивен одговор од другата страна, средбата меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија би се одржала следната недела во Софија, на маргините на министерскиот состанок посветен на Коридорот 8
Иницијативата доаѓа по денешната средба на премиерот Христијан Мицкоски и претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, во Скопје
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија го испратило барањето за средба меѓу шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски и неговата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова, потвриле за МИА од Министерството.

Доколку дипломатската нота добие позитивен одговор од другата страна, средбата меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија би се одржала следната недела во Софија, на маргините на министерскиот состанок посветен на Коридорот 8.
„Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија денеска е побарана средба меѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова, којашто би се одржала следната недела на маргините на министерскиот состанок посветен на Коридорот 8“,
навеле од Министерството за државната новинска агенција.
Иницијативата доаѓа по денешната средба на премиерот Христијан Мицкоски и претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен во Скопје. На заедничката прес-конфренција по средбата, двајцата потврдија дека разговарале за предизвиците што Македонија ги има со Бугарија во однос на евроинтегративниот процес на земјава.
Одговарајќи на новинарско прашање за став во врска со барањето на земјава за вклучување на Европската Унија во разговорите со Софија, Фон дер Лајен изјави дека со Мицкоски се договориле првиот чекор да биде направен следната недела, во обид да се деблокира процесот.
„Се договоривме да имаме прв чекор следната недела и да се обидеме да го деблокираме процесот, односно да го претвориме во процес, тоа е најважниот дел“,
рече претседателката на Европската комисија.
Осврнувајќи се на истата тема, премиерот рече дека шефицата на ЕК го светувала, за време на посетата на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на Софија следната недела, да побара билатерална средба со својата колешка Велислава Петрова-Чамова.
„Од претседателката (на ЕК) добив совет веќе следната недела кога нашиот министер за надворешни работи и надворешна трговија ќе биде во Софија, а причина за тоа е Коридорот 8 и проектите коишто ги движиме во рамките на тој Коридор, да побараме од домаќинот средба на билатерална основа. Јас веднаш побарав од министерот да испрати дипломатска нота и да побара време за средба и состанок со неговата колешка и да почнеме процесот од некаде да го движиме“,
кажа Мицкоски.
Премиерот додаде дека ако од државата се очекуваат одлуки со долгорочни цели, тогаш е оправдано да се очекува и јасна европска перспектива за она што следи. Целта, како што кажа, не е одложување на процесот, туку создавање услови тој конечно да се движи напред, на стабилна и одржлива основа.

Шефицата на ЕК на прес-конференцијата порача дека усвојувањето на уставните измени и натаму останува следниот чекор што земјава треба да го преземе за да се придвижи на својот евроинтегративен пат.
Фон дер Лајен порача дека во моментот кога процесот ќе се деблокира, Европската Унија ќе може да даде патоказ за натамошниот пат на земјава кон ЕУ, како што тоа сега ќе го стори за дел од земјите кандидати.
Таа упати пофални зборови за реформските резултати на Македонија во рамките на Планот за раст на ЕУ, наведувајќи дека личниот ангажман на премиерот и посветеноста на Владата донеле конкретни финансиски и економски придобивки за земјата.
Претседателката на ЕК рече и дека Северна Македонија ќе биде пречекана во Европската Унија со својот идентитет и јазик, изразувајќи уверување дека македонската култура и македонскиот јазик можат да ја направат Унијата побогата.
Коментирајќи ги денешните разговори на премиерот Мицкоски со шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во делот на разговорите меѓу Скопје и Софија, од опозицискиот СДСМ оценија дека земјава ризикува процесот на пристапување во ЕУ да се претвори од европеизација во билатерализација.
