Со оглед на тоа дека се појавија информации, доминантно од опозицијата, меѓутоа имаше и други информации што доаѓаа од медиумите, кажувам дека сите институции во државата кои имаат надлежност треба да го проверат целиот овој проект. Сите документи и одлуки кои биле во надлежноста на Владата во текот на изминатите месеци и години, додека е подготвуван овој проект, ќе бидат доставени до Антикорупциската комисија, повтори и денеска премиерот
Јавното обвинителство и Антикорупциската комисија да постапат и да ги испитаат сите наводи, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање по вчерашната информација дека Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвора предмет по допрен глас за изборот на фирмите што ќе вршат надзор на изградбата на коридорите 8 и 10-д кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
„Со оглед на тоа дека се појавија информации, доминантно од опозицијата, меѓутоа имаше и други информации што доаѓаа од медиумите, кажувам дека сите институции во државата кои имаат надлежност треба да го проверат целиот овој проект. Сите документи и одлуки кои биле во надлежноста на Владата во текот на изминатите месеци и години, додека е подготвуван овој проект, ќе бидат доставени до Антикорупциската комисија“,
одговори Ковачевски и додаде дека денеска веќе четврти пат дава одговор на истото прашање.
Ковачевски ги повика владите на САД и Турција да кажат дали некој од нив или од некоја компанија од овие земји некој нешто барал во текот на изминатите две години додека се подготвувал овој проект.
„Со оглед на тоа дека еден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ вчера кажа дека биле барани некакви средства од секаде, тој тоа веројатно го кажа во еден реторички занес во Собранието, јас додадов уште нешто и ги повикав и владите на САД и Република Турција да кажат дали од некој од нив или од некоја компанија од овие земји некој нешто барал во текот на изминатите две години додека се подготвувал овој проект“,
додаде Ковачевски.
Тој уште еднаш кажа дека изведувачот „Бехтел и Енка“ е избран со посебен закон во Собранието, поддржан од сите пратеници, закон потврден од Уставниот суд.
„Надзорниот орган што ќе врши надзор на овој голем проект, најголем проект во историјата на државата и кој е во вредност од 1,3 милијарда евра, е избран низ постапка во која се запазени сите законски процедури од страна на сите институции што биле задолжени, предводени од Јавното претпријатие за државни патишта. Во таа постапка учествувале три компании, има една која е избрана врз основа на одредбите од тендерот, спроведена е управна постапка и сите податоци се јавно достапни преку Бирото за јавни набавки“,
додаде премиерот.
Според премиерот, станува збор за проект кој ќе обезбеди конечно по првпат инфраструктурно поврзување на Коридорот 8.
„Исклучително сум среќен што имавме многу јасна визија од првиот ден на оваа влада и што успеавме низ разговорот со партнерите во ЕУ, Коридорот 8 да го ставиме на мапата на паневропски коридори што не беше случај во минатото. Што значи дека овој Коридор 8 има излез и кон Албанија и кон Бугарија, обезбедуваме излез на пристаништата во Драч и Бургас, а проектите ќе можат да бидат финансирани и од европските фондови и од страна на европските кредитори“,
рече Ковачевски.
Вчера од ОЈО ГОКК за „360 степени“ одговорија дека отвориле предмет по допрен глас и дека тој веќе е распореден кај јавен обвинител.
„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, следејќи ги информациите по медиумите поврзани со изградбата на автопатиштата, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, отвори предмет по допрен глас. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката“,
рекоа од ОЈО ГОКК.
Изборот на фирмите што ќе вршат надзор на изградбата на коридорите 8 и 10-д од американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ изминатиот период беше една од темите во фокусот на јавноста.
Поради сомнежите што ги отворија новинарските стории и објавите од опозицијата, претставниците на Владата повеќепати досега упатуваа пораки, доколку има нешто нерегуларно, да се пријави во обвинителството. Премиерот Димитар Ковачевски неколкупати јавно ги повика и Обвинителството и Државната комисија за спречување корупција да ги испитаат сомнежите.