Европската комисија и Италија блокираа испорака на вакцини на „Астра Зенека“ за Австралија, бидејќи овој производител не ги исполнил обврските од договорот со ЕУ.
Според западните медиуми, „Астра Зенека“ побарала дозвола од италијанските власти за извоз на 250 илјади дози од фабриката Анагни во близина на Рим. Италијанската Влада одбила да издаде дозвола, а Европската комисија ја поддржала.
Европската унија првпат ја користи можноста за забрана на извоз на вакцини против ковид-19.
Унијата во јануари воспостави регистар за следење на извозот на вакцини во рамки на меѓусебниот спор со британско-шведскиот производител, со цел да се следи дали компанијата ги исполнува своите договорни обврски кон ЕУ.
Тој механизам им дозволува на властите во одделни земји-членки на Унијата, во консултација со ЕК, да блокираат извоз кон локација надвор од ЕУ доколку сметаат дека производителот не ги исполнува обврските кон него.
„Астра Зенека“ сè уште не ги испорачала во ЕУ ветените дози на вакцини, а предвидените испораки од 80 милиони двојно ги намалила на 40 милиони дози, со образложение дека се соочува со проблеми во производството.
Поради сомнеж дека вакцините произведени во ЕУ им се продаваат на земји надвор од Унијата, воспоставен е регистар за следење на извозот на вакцини.