Уапсени се 84 лица кои биле дел од криминалната мрежа
Интерпол предупреди дека целта на криминалците се домови за стари лица каде ги нудат лажните вакцини
Полицијата уапси 84 осомничени и заплени илјадници лажни вакцини против ковид-19 во рации во Кина и Јужна Африка. Ова се случува неколку недели откако шефот на Интерпол предупреди дека криминалните мрежи ќе се обидат да заработат од глобалната дистрибуција на вакцини.
Јужноафриканската полиција заплени 400 ампули, со околу 2 400 дози лажни вакцини во Гермистон, Гаутенг, заедно со голема количина со лажни маски од марката 3М. Уапсени се државјанин на Замбија и тројца Кинези.
„Откако ковид-19 стигна до бреговите на Јужна Африка, владата усвои интегриран мултидисциплинарен пристап за спроведување на законот. Ова се покажа како многу ефикасно, како што видовме со апсењата за странски државјани кои се обидоа да продаваат лажни вакцини во Јужна Африка“,
изјави претставник на тамошната полиција.
Рацијата ја доведе полицијата до производствените простории во Кина, каде с откриени и запленети 3 000 лажни вакцини и уапсени се 80 осомничени.
Кинеските власти веруваат дека разбиле организирана криминална група која ги правела лажните вакцини и ги дистрибуирала во странство.
Интерпол, меѓународната полициска организација, соопшти дека е запознаена со случаи на измами со вакцини кон таргетираат домови за стари лица и предупреди дека во моментов нема одобрени вакцини за продажба преку Интернет.
„Го поздравуваме овој резултат, но ова е само врвот на ледениот брег кога станува збор за криминалот поврзан со вакцините против ковид-19. По нашето предупредување дека криминалците ќе ја таргетираат дистрибуцијата на вакцини, Интерпол продолжува да им обезбедува целосна поддршка на националните власти кои работат на заштита на здравјето и безбедноста на своите граѓани“,
соопштија од Интерпол по оваа акција.
Во САД, агентите на Министерството за внатрешна безбедност неодамна запленија 10 милиони лажни маски од марката 3М откако фалсификатите им беа продадени на болници, други медицински центри и владини агенции во пет држави.
Од почетокот на пандемијата, американските агенти заплениле лажни производи поврзани со ковид-19 во вредност од 33 милиони долари и уапсиле 200 осомничени.