Исламската држава ја презеде одговорноста за нападите што се случија во близина на меѓународниот аеродром во Кабул, Авганистан, во кои загинаа најмалку 12 американски војници, 60 цивили, а околу 140 лица се повредени.
Терористичката организација Исламска држва објави соопштение преку Агенцијата Амак во кое се вели дека околу 160 луѓе се убиени и ранети во самоубиствен напад и се наведува дека жртвите се американски сили и други кои соработуваат со нив.
Генералот Кенет Мекензи, шеф на американската Централна команда, на брифинг со новинарите рече дека ваков напад бил очекуван и тие ќе преземат чекори против напаѓачите. Мекензи рече дека иако денешниот ден е тажен ден, САД ќе продолжат со мисијата за евакуација.
Според него, во нападите биле вклучени двајца бомбаши-самоубијци, а други вооружени лица дополнително отвориле оган.
„Продолжуваме да се фокусираме на заштитата на нашите сили додека евакуацијата продолжува. Нашата мисијата е да се евакуираат американски државјани, државјани на трети земји, носители на специјални имигрантски визи, вработени во американската амбасада и Авганистанци во ризик. И покрај овој напад, ние ја продолжуваме мисијата“,
рече Мекензи.