Јотова оцени дека Договорот за добрососедство со Северна Македонија не донел напредок во билатералните односи и порача дека Бугарија нема да отстапи од договорената позиција
Ѓуров посочи дека главната цел била бугарските позиции да станат дел од заедничката европска позиција, а како клучен услов го посочи внесувањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија, што, според него, би овозможило заштита на нивните права
Односите со Северна Македонија и францускиот предлог беа меѓу темите за кои кандидатите за претседател на Бугарија, Илијана Јотова и Андреј Ѓуров, разменија спротивставени ставови и обвинувања во предизборната дебата, која вечерва се одржа на Бугарската национална телевизија (БНТ).

Јотова оцени дека бугарската позиција била спасена во последен момент со интервенција на тогашниот претседател Румен Радев.
Според неа, нема доволен напредок во заштитата на правата на лицата со бугарска самосвест и во справувањето со говорот на омраза во Северна Македонија.
„Во мое лице гледате човек кој нема да отстапи ниту сантиметар од веќе договореното“,
изјави Јотова, додавајќи дека Бугарија треба да продолжи да инсистира на исполнување на договорените услови и пред европските партнери.
Се осврна и на улогата на институцијата претседател во подготовката на францускиот предлог, посочувајќи дека тогашниот министер за надворешни работи често одел во кабинетот на Радев за заеднички да работат на документот, вклучително и со претставници на кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон.
Јотова го обвини поранешниот премиер Кирил Петков дека не бил запознаен со договореното и дека имал намера да отпатува во Скопје за да ја промени бугарската позиција.
Побара од Ѓуров да објасни како бил изработен предлогот и за кои прашања инсистирала бугарската страна.
Од друга страна, Ѓуров ги бранеше постапките на тогашната влада и парламентарното мнозинство.
Потсети дека како предлагач на францускиот предлог во Народното собрание се залагал бугарските услови да станат дел од заедничката европска позиција.
Според него, тогашната влада и договорот биле изложени на сериозни напади и обвинувања дека го предаваат националниот интерес, додека денес различни политички сили, вклучително и во Европскиот парламент, го поддржуваат договореното.
„Госпоѓо Јотова, кога сме искрени – тогаш кога ги напаѓаме политичките противници или сега, кога гледаме дека тие постапки всушност ѝ помогнале на бугарската позиција?“,
праша Ѓуров.
Посочои дека главната цел била бугарските позиции да станат дел од заедничката европска позиција, а како клучен услов го посочи внесувањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија, што, според него, би овозможило заштита на нивните права.
„Успеавме да го заштитиме интересот на бугарските граѓани и да ја направиме бугарската позиција дел од заедничката европска позиција“,
рече тој.
Ја критикуваше и институцијата претседател, оценувајќи дека во минатото била користена како отскочна штица за извршната власт и дека нејзините постапки придонеле за поделби околу прашање за кое денес постои широка поддршка.
Двајцата кандидати претходно изнесоа спротивставени оценки и за пошироките односи меѓу Софија и Скопје.
Јотова посочи дека по потпишувањето на договорот за добрососедство нема подобрување во односите, наведувајќи ги како проблеми говорот на омраза и случаите на напади врз лица со бугарско потекло.
Како пример го посочи случајот со Христијан Пендиков и ослободувањето на напаѓачите.
„Ќе продолжиме да инсистираме и пред нашите европски партнери договорот и европските политики да бидат спроведени“,
порача Јотова.
