Во моментот во Авганистан се наоѓаат повеќе од 1 000 американски државјани и САД најави дека продолжуваат со мисијата за евакуација
Во текот на денот се очекува да се обрати и претседателот Џо Бајден
Во нападите во близина на аеродромот во Кабул загинаа најмалку 12 американски војници, а 15 се повредени, потврди генералот Кенет Мекензи, шеф на американската Централна команда.
Тој рече дека во нападите биле вклучени двајца бомбаши-самоубијци, а други вооружени лица дополнително отвориле оган. Мекензи рече дека денеска е тежок ден, но дека и покрај тоа САД ќе продолжат со мисијата за евакуација.
„Продолжуваме да се фокусираме на заштитата на нашите сили додека евакуацијата продолжува. Нашата мисијата е да се евакуираат американски државјани, државјани на трети земји, носители на специјални имигрантски визи, вработени во американската амбасада и Авганистанци во ризик. И покрај овој напад, ние ја продолжуваме мисијата“,
рече Мекензи.
Според него, во моментов во Авганистан се наоѓаат повеќе од 1 000 Американци.
Мекензи рече дека Пентагон работи на тоа да се утврди кој точно стои зад нападите и дека се подготвени да преземат акција против напаѓачите. Тој додаде дека се очекувал ваков напад и дека заканите од ИСИС се реални.
Светските медиуми објавија дека се случила и трета експлозија, но засега нема официјална потврда.
Како што јави Си-ен-ен, во текот на денот се очекува обраќање да има и претседателот Џо Бајден. Тој во изминатите денови предупредуваше дека може да се случи вакво нешто.