Со големиот интерес, активното учество и позитивните реакции на присутните, „Business for Business“ форумот ја потврди својата вредност како платформа преку која клиентите на Комерцијална банка добиваат многу повеќе од финансиски производи и услуги

„Business for Business 2026“ форумот на Комерцијална банка, собра над 150 бизнисмени и им донесе ексклузивна можност за размена на искуства и идеи со врвни експерти од глобалниот дигитален лидер „Оракл“ и од успешни домашни компании. Второто издание на форумот под мотото „Посилна иднина со новите правила за раст“, отвори дијалог за темите што ја менуваат иднината на компаниите: вештачката интелигенција и новите технологии, ESG-стандардите и современите решенија за поефикасно корпоративно банкарство.
Со големиот интерес, активното учество и позитивните реакции на присутните, „Business for Business“ форумот ја потврди својата вредност како платформа преку која клиентите на Комерцијална банка добиваат многу повеќе од финансиски производи и услуги. На форумот добија пристап до врвно знаење, вредни искуства и практични препораки за развој и конкурентност на нивниот бизнис.
Форумот го отвори д-р Маја Стевкова Штериева, главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка.

„За секоја компанија, независно од нејзината големина и дејност, денес се особено важни неколку прашања, како подобро да ги искористиме расположивите ресурси, како да ја зголемиме продуктивноста и како подобро да се подготвиме за секојдневните промени на пазарот. Секојдневните оперативни обврски често оставаат малку простор за да се согледа каде се губи време и каде процесите може да се подобрат. Токму затоа ваквите средби се драгоцена можност да се разменат искуства и да се препознаат решенија што може да имаат конкретна примена во работењето“,
порача д-р Штериева.
На годинашниот форум, клиентите на Банката имаа можност да разговараат со претставници на „Оракл“, лидерот во дигиталната трансформација на бизнисите на глобално ниво, за предизвиците што ги носат вештачката интелигенција и современата технологија.
Бојан Садиковиќ, директор во „Оракл“ за продажба, технологија и cloud за BAMMAK регионот, ги претстави дигиталните алатки со кои компаниите ги јакнат своите капацитети и ја отслика иднината на деловниот свет, барем за во наредните 12 месеци.
Бизнис-разговорот на д-р Никола Џамбазовски, главен директор за продажба и развој и член на Управниот одбор на Комерцијална банка, и Елена Филатава, регионален директор во „Оракл“ за Адриа регионот, ги отвори прашањата за тоа дали компаниите губат време и пари без дигитални алатки, кои веќе носат вредност и кои заблуди најмногу го мачат бизнисот кога треба да се зборува за дигитална трансформација.

Д-р Џамбазовски и Филатава се согласија дека дигиталната трансформација не значи само нов слој технологија врз старите деловни процеси, туку инвестиција која треба да ја зголеми продуктивноста, да ја подобри конкурентноста и да го забрза растот на компанијата.
„Стратегијата за вештачка интелигенција е бизнис-стратегија. Целта не е веќе AI, туку подобри деловни резултати“,
порача Филатава.
Затоа што одржливоста е подеднакво важна за секој бизнис, вториот панел од форумот беше посветен на „ESG како двигател на растот“.
Оваа тема ја отвори Билјана Хаџи-Велкова, директор на Дирекцијата за кредитирање на индустрија во Комерцијална банка, со нејзините гости Ивица Карапетров, заменик-генерален директор на „Бучим“, Димитар Ристовски, корпоративен секретар во „Алкалоид“, и Тихомир Касапинов, менаџер за одржлив развој, менаџмент системи и проект менаџер во „ВВ Тиквеш“.

А, одговорите и препораките до присутните беа дека ESG е пред сѐ инвестиција за раст, која ја бара и самиот пазар. Беше нагласена и потребата компаниите да гледаат на ESG не само низ призмата на регулаторните барања, туку и како на деловна можност за подобар пристап до финансирање, посилен пазарен настап и одржлив раст.
Воедно беше претставена и поддршката што Комерцијална банка им ја обезбедува на компаниите преку кредитирање, кредитни линии и советодавна поддршка за да стигнат поблиску до ESG-стандардите.
Посебно внимание на форумот беше посветено и на EBICS (Electronic Banking Internet Communication Standard), европски стандард за директна и безбедна комуникација на системите на компаниите со Банката. Овој новитет во понудата на Комерцијална банка го најави Горан Купенков, директор на Дирекцијата за платен промет со странство и документарно работење во Банката. EBICS за компаниите носи поголема ефикасност и безбедност во управувањето со финансиските процеси, особено за тие со поголем обем и комплексност на корпоративни плаќања.

„Business for Business“ форумот уште еднаш покажа дека Комерцијална банка е многу повеќе од финансиски партнер на компаниите. Како лидер во банкарскиот сектор, Банката им обезбедува на своите клиенти и дополнителна вредност преку континуирана поддршка и дијалог за иновации и раст. На тој начин градиме уште подобри решенија и долгорочни партнерства.

