Министерот за здравство информира дека истрагата била иницирана од него додека беше на чело на Фондот за здравствено осигурување. Во рамките на случајот, додава тој, се инволвирани три лица од ФЗО и две лица од приватна здравствена установа
Министерот за здравство Сашо Клековски ја потврди акцијата што ја спроведува МВР во врска со финансиски злоупотреби во дел од здравствениот сектор. Во изјава за медиумите, ресорниот министер рече дека во случајот се инволвирани три лица од Фондот за здравствено осигурување и две лица од приватна здравствена установа.

Без да открие дополнителни детали, Клековски рече дека станува збор за повеќе видови прекршоци, а една од најмасовните е двојна наплата на здравствени услуги од пациенти и од Фондот за здравствено осигурување.
„Земани се пари од Фондот за одредена услуга за која има договор и таа услуга под различни превези и изговори е наплаќана од пациентите. Во акцијата е вклучена една приватна здравствена установа која имаше договор со ФЗО и неколку лица од Фондот. Станува збор за злоупотреба на средства од Фондот за здравствено осигурување“,
изјави министерот за здравство одговарајќи на новинарски прашања.
Клековски додава дека акцијата на МВР е повеќемесечна и е темелена на повеќе од една година истрага. Истрагата, како што рече, била иницирана од него додека беше на чело на Фондот за здравствено осигурување.
„Јас ѝ предложив на Комисијата за прекршоци, а таа прифати да се раскине договорот со таа здравствена установа за да се прекине ланецот на неказнивост. Истовремено побарав да се покрене истрага. МВР заедно со Секторот за контрола на ФЗО напорно работеше да се завршат сите работи. Беа вклучени и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Агенцијата за лекови и други установи, за од сите аспекти да се затвори истрагата“,
изјави Клековски и им заблагодари на МВР и Обвинителството за истрајноста во случајот.
Од МВР утринава потврдија дека екипи на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал во координација со надлежен обвинител од ОЈО ГОКК вршат претреси на повеќе локации во земјава во рамки на истрага за финансиски злоупотреби во дел од здравството. Дел од медиумите неофицијално објавија дека претреси се вршат на повеќе од 10 локации низ државата, вклучително и во Скопје, во Тетово и во Куманово.
