И покрај тоа што шест дена од компанијата не се огласуваа во јавноста да дадат одговори и аргументи, тоа не го направија ниту во денешното соопштение. „БРАКО“ денеска преку медиумите дистрибуираше соопштение кое содржи напади, навреди, клевети и говор на омраза кон новинарите на ИРЛ кои се категоризирани како канцер на општеството – се вели во реакцијата на ИРЛ по реакцијата на „БРАКО“
Од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) велат дека иако тие испратиле допис до директорот на компанијата „БРАКО“, Кочо Анѓушев, уште на 30 јуни, со кој го известиле дека работат на документарен филм за пожарот во модуларната болница во Тетово и му понудиле на Анѓушев брифинг и увид во материјата за да се подготви, тој одбил интервју со нив и најавил дека ќе ги тужи за вознемирување и демнење. Денеска компанијата до медиумите испрати соопштение во кое ги отфрли наводите на ИРЛ и порача дека тие работат на штета на македонската економија.
„Соопштението е пренесувано во целост од повеќе медиуми, без никаков критички осврт и запазување на стандардите. Дел од овие медиуми имаат комерцијален интерес со посочената компанија која има огромна економска моќ, а со тоа и влијание во медиумите. Нападите кон ИРЛ доаѓаат и во форма на платена дистрибуција од страна на ‘БРАКО’ и на авторски текстови објавени на медиуми во коишто се рекламира компанијата”,
се вели во реакцијата на ИРЛ.
Од ИРЛ велат дека иако секој медиум има своја слободна уредувачка политика и самите оценуваат што е, а што не е јавен интерес, непрофесионално и неетички е да се известува само за едната страна, бидејќи на тој начин се укажува дека преку одредени медиуми се прави организирана хајка кон новинарите на ИРЛ.
„Соопштението на ‘БРАКО’ има за цел да ги омаловажи, заплаши и да ги дискредитира новинарите и самото истражување. ИРЛ ќе поднесе пријава до релевантните домашни и меѓународни организации кои делуваат во сферата на заштита на слободата на говор и на заштита на безбедноста на новинарите. ИРЛ и пред објавата на филмот алармираше дека има притисоци кон новинарите и обиди да се спречи оваа публикација за што беа известени и новинарските здруженија”,
велат од ИРЛ.
Инаку, претходно денеска, компанијата „Брако“ преку соопштение реагираше на содржината на документарниот филм „Убиство во Тетово“, објавен од Истражувачката репортесрка лабораторија. Во соопштението, од „Брако“ велат дека категорично, силно, непопустливо и ригорозно ги отфрлаат и ги демантираат сите лаги, измислици, срамни криења информации и монструозни идеи на групата ИРЛ. Според „Брако“, истражувачката екипа направила „лажна конструкција“.
Од „Брако“ велат дека со оглед на тоа што ИРЛ продолжиле да објавуваат содржини и покрај демантите кои ги добија од сите државни извршни институции, високообразовни институции и правосудни органи, компанијата одлучила да излезе со свој јавен став пред јавноста.
„Сите 19 т.н. модуларни болници ‘Брако’ ги изгради по стандардите пропишани во проектот на Светска банка и документацијата на Проектната единица на Светската банка во Минстерството за труд и социјала: вид на материјали, изолации, инсталации, распоред на простории, прегради, лаборатории итн., без никакви технички отстапувања од нацртите кои ‘Брако’ ги доби, за што постојат сертификати, приемни документи, потпишани записници и сите останати потврди и докази“,
се вели во соопштението од компанијата.