Од „Брако“ велат дека не е во нивна надлежност дали и како објектот по примопредавањето потоа се доопремувал, користел или управувал од страна на самата болница и дали тоа било согласно насоките на Светска банка и Светската здравствена организација за менаџирање во услови на ковид
Компанијата „Брако“ преку соопштение денеска реагира на содржината на документарниот филм „Убиство во Тетово“, објавен од Истражувачката репортесрка лабораторија ИРЛ. Во соопштението, од „Брако“ велат дека категорично, силно, непопустливо и ригорозно ги отфрла и ги демантираат сите лаги, измислици, срамни криења информации и монструозни идеи на групата ИРЛ. Според „Брако“, истражувачката екипа направила „лажна конструкција“.
Од „Брако“ велат дека бидејќи ИРЛ продолжиле да објавуваат содржини и покрај демантите кои ги добија од сите државни извршни институции, високообразовни институции и правосудни органи, компанијата одлучила да излезе со свој јавен став пред јавноста.
„Сите 19 т.н. модуларни болници ‘Брако’ ги изгради по стандардите пропишани во проектот на Светска банка и документацијата на Проектната единица на Светската банка во Минстерството за труд и социјала: вид на материјали, изолации, инсталации, распоред на простории, прегради, лаборатории итн., без никакви технички отстапувања од нацртите кои ‘Брако’ ги доби, за што постојат сертификати, приемни документи, потпишани записници и сите останати потврди и докази“,
се вели во соопштението од компанијата.
Оттаму додаваат дека не е во нивна надлежност дали и како објектот по примопредавањето потоа се доопремувал, користел или управувал од страна на самата болница и дали тоа било согласно насоките на Светска банка и Светската здравствена организација за менаџирање во услови на ковид.
„Ова е тоа што се однесува на улогата на ‘Брако’ во изградбата“,
додаваат од компанијата.
Компанијата во соопштението исто така обвини дека истражувачката екипа на ИРЛ „му нудела помош на Обвинителство да гради случај против ‘Брако’“. Тоа, според „Брако“, било непрофесионално.
„За да направи лажен филм, велат од ‘Брако’, ИРЛ мораше да ги прогласи за неспособни, нестручни, несовесни, поткупени и неморални сите надлежни органи, институции и стручни лица во државата и да го основа филмот на изјави на две лица од приватна фирма и јавно претпријатие, на разрешена обвинителка која колегите ја отстраниле од професијата и на злонамерна манипулација со странското вештачење кое е професионално и независно“,
се додава во реакцијата од „Брако“.
Компанијата со дописот, исто така, бара поранешни и сегашни функционери и други политичари да престанат да го користат нејзиното име во нивните меѓусебни партиски пресметки.
„Брако“, велат оттаму, изгради 19 т.н. модуларни болници низ Македонија по проект на Светска Банка и тендер на Министерството за труд и социјала како привремени објекти, кои се веќе платени со пари на Светска Банка, и три амбуланти во Скопје (на кои се однесува анексот), по тендер од Министерството за здравство како трајни објекти, кои државата ги користи, а не се платени.
Од компанијата велат дека за тој долг го тужи Министерството за здравство, кое е известено и од Државниот правобранител дека мора да ги исплати објектите кое ги нарачало, ги презело без забелешки и секојдневно ги користи.
Од компанијата тврдат дека Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) би имало конфликт на интерес ако реагира на нејзиното соопштение бидејќи член на Управниот одбор на ЗНМ е новинарката на ИРЛ, Маја Јовановска, како и бидејќи Деница Чадиковска, ќерката на претседателот на Здружението, Младен Чадиковски, е исто така дел од Истражувачката репортерска лабораторија.