Иницијативниот одбор, кој бара вонреден когрес на ВМРО-ДПМНЕ и повлекување на партискиот лидер, го обвинува Христијан Мицкоски дека го менува неговиот став за новото уставно име на државата односно дека еднаш го прифаќа, а потоа го игнорира.
„На 10 јули, пет дена пред изборите кога мислеше дека има некаква поддршка за да победи и да формира влада, го призна сменетото име на институциите. Сега, седум месеци подоцна Мицкоски се обидува да ја игнорира реалноста која што ја признаваше и да испраќа писма до Собранието не прифаќајќи го променетото име. Дали Мицкоски лажел во јули кога се надевал на поддршка од меѓународната заедница велејќи дека ја признава новата реалност или лаже сега кога не ги признава новите официјални имиња на институциите?“,
прашуваат од Иницијативниот одбор.
Тие ваквите обвинувања ги засноваат на две изјави на Мицкоски.
Едната, е од 10 јули пред предбремените парламетарни избори кога во интервју на Телма ТВ, рекол:
„Ние би биле лицемери ако ја игнорираме реалноста. Како и секогаш, велам дека не можеме да ја игнорираме реалноста, бидејќи учествуваме на избори и сме дел од влада на која стои новата придавка. Имаме учесник во таа Влада со новата придавка и зема плата. Би бил лицемерен, ако кажам дека тоа не е така. Ќе излезам несериозен ако речам дека ова е фикција, а ВМРО-ДПМНЕ е сериозна партија“.
Втората, пак, е од пред неколку дена, кога претседателот на Собранието, Талат Џафери, му ја врати иницијативата за собирање потписи за поништување на Законот за попис, бидејќи ја адресирал до „Собранието на Република Македонија“, а не до „Собранието на Република Северна Македонија. Тогаш, Мицкоски на Фејсбук напиша:
„Владиното мнозинство не ја прими граѓанската иницијатива за одложување на пописот кој е очигледен фалсификат. Изговорот е дека не постоела институцијата Собрание на Република Македонија. Кој се плаши и бега од сопствениот народ срамно завршува.“
Од Иницијативниот одбор уште еднаш ги повикуваат делегатите кои гласале за Мицкоски да биде претседател на ВМРО-ДПМНЕ, да се појават на закажаниот вонреден конгрес на 28 март во Скопје.
„ВМРО-ДПМНЕ не смее повеќе да биде заложник на манипулациите на Мицкоски. Неопходно е сплотување на партиските структури преку вонреден конгрес и искрена дискусија за причините за сите порази со кои се соочивме овие три години“,
велат од Иницијативниот одбор.
Актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, пак, изминатите денови излезе со обвинувања кон оваа група на членови дека се слуги на Зоран Заев и нивната активност во јавноста е со цел да се направи дефокус од реалните проблеми во државата.