„Очекуваме во вторник да биде активен системот ‘Мој термин’ за пријавување за вакцинација и согласно планираното, до крајот на неделата или почетокот на следната недела да почнеме со повикување на граѓаните за вакцинација“, вели министерот за здравство во изјава за телевизија Сител
Триесет илјади вакцини против грип од европски и јужнокорејски производител пристигнале во земјава, потврди министерот за здравство Сашо Клековски, кој во изјава за телевизија Сител вели дека имунизацијата нема да доцни и ќе стартува навреме како и секоја сезона.

До средината на ноември треба да пристигнат уште 26 илјади дози, а наскоро потоа очекува земјава да ги добие и останатите за да се стигне до бројката од 80 000 вакцини.
„Првите количини пристигнаат вчера во земјата и ќе бидат подложени на неопходните проверки и тестирања. Очекуваме во вторник да биде активен системот ‘Мој термин’ за пријавување за вакцинација и согласно планираното, до крајот на неделата или почетокот на следната недела да почнеме со повикување на граѓаните за вакцинација“,
вели Клековски.
Претходно неделава, задравствените власти соопштија дека се доцни со набавката на овие вакцини бидејќи Светската здравствена организација (СЗО) подоцна ги објавила соевите на вирусот за сезонава поради што производителите во Европа и во други земји почнале со задоцнето производство и испорака.
Министерството за здравство и ланската сезона набави 80 000 вакцини против грип кои беа бесплатни за ризичните групи.
Според Клековски, со вчера пристигнатите 30 000 вакцини ќе може да се изврши имунизација на по 1 500 граѓани до 15 ноември.
„Ние со овие 30 000 вакцини очекуваме, можеме да вакцинираме по 1 500 граѓани во работни денови до 15 ноември, а потоа со 26 000 дози можеме да стигнеме до 56 000 до крајот на ноември и се надевам до тогаш ќе стигнат и тие 25 000 – 30 000 до бројката од планирани 80 000 вакцини“,
изјави Клековски.

Инаку, беплатните вакцини се наменети за постари од 65 години, лица со хронични заболувања, трудници, здравствени работни и деца до 5 годишна возраст.
Минатата сезона во земјата заврши со над 17 илјади заболени од грип, а четири лица починаа поради компликации од вирусот.
Министерот за здравство во средата изјави дека во моментов нема регистрирани случаи на грип, туку се активни други респираторни вируси.
Според него, доколку се појави ризик од грип пред почетокот на вакцинацијата, подготвен е план Б, кој предвидува превентивна терапија и третман за грип кај високоризичните групи.
