Во наредните денови, како што посочи, ќе биде надминат и проблемот со пријавувањето за вакцинација, со што во соработка со одржувачот на системот „Мој термин“ ќе биде активиран модулот за пријавување
Обезбедени се 56 000 вакцини против сезонски грип од планираните 80 000. Од нив, 30 000 дози треба да пристигнат во наредните десет дена, а 26 000 околу 15 ноември. Ова денеска го најави министерот за здравство Сашо Клековски, посочувајќи дека ќе бидат достапни количините потребни за овој и за идниот месец.

„Направивме вонредни напори во соработка со одредени земји и со директна комуникација со еден од европските производители. Овој месец и во ноември ќе имаме обезбедено 56 000 вакцини од планираните 80 000“,
кажа тој.
Според него, со обезбедените количини вакцинацијата ќе може да започне во вообичаениот период, односно најдоцна до крајот на октомври.
„Во последните три сезони вакцинацијата сме ја почнувале во периодот од 16 до 25 октомври и со тие 56 000 вакцини ќе може да ја почнеме вакцинацијата во оваа рамка, односно најдоцна до крајот на октомври“,
вели Клековски.
Во наредните денови, како што посочи, ќе биде надминат и проблемот со пријавувањето за вакцинација, со што во соработка со одржувачот на системот „Мој термин“ ќе биде активиран модулот за пријавување.
Во однос на доцнењето и со набавката на овие вакцини, Клековски посочи дека годинава Светската здравствена органзиација (СЗО) подоцна ги објавила соевите на вирусот за сезонава, поради што производителите во Европа и во други земји почнале со задоцнето производство.
„Сите три соја во сезонскиот грип се нови соеви, што значи дека производителите во Европа и на другите места започнаа со задоцнето производство. Во Македонија ние повиците вообичаено ги објавуваме во периодот јуни-август, по објавување на соевите, со тоа што на овогодишниот повик не се јави ниту еден производител или дистрибутер. Значи оваа година повикот беше неуспешен и таква ситуација има во повеќе земји во регионот“,
додаде тој.
Министерот додаде оти се работи и на обезбедување на преостанатите количини од планираните 80 000 бесплатни вакцини за ризичните групи. Според него, тие би требало да бидат обезбедени во периодот од ноември до почетокот на декември, кога сè уште е оптимално време за вакцинација.
Клековски рече дека во моментов нема регистрирани случаи на грип, туку се активни други респираторни вируси.
Според него, доколку се појави ризик од грип пред почетокот на вакцинацијата, најави дека е подготвен и план Б, кој предвидува превентивна терапија и третман за грип кај високоризичните групи.
