Според Трамп, украинскиот претседател сака да создава проблеми во светот со тоа што продолжува да одобрува напади врз руските рафинерии
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави оти смета дека е време Украина да добие нов претседател по острите критики на Володимир Зеленски во врска со договорот меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Русија за испорака на дизел-гориво, пренесоа светските медиум.

Зеленски предупреди дека договорот за испорака на милиони тони руски дизел во САД ќе ѝ обезбеди на Москва дополнителни средства за продолжување на војната со Украина, нарекувајќи го тоа подарок за рускиот претседател Владимир Путин.
„Знаете што предлагам? Предлагам да добијат нов лидер кој би можел да склучи договор. Бидејќи тој (Зеленски) можеше да склучи многу договори, но од некоја причина никогаш не го направи тоа. Мислам дека е време Украина да добие нов претседател“,
рече Трамп.
Изјавата, како што пренесе Би-би-си, Трамп ја дал за медиумите пред Белата куќа велејќи дека украинскиот претседател сака да создава проблеми во светот со тоа што продолжува да одобрува напади врз руските рафинерии.
Инаку, Русија и Украина неодамна ги интензивираа меѓусебните напади чија цел се енергетските и транспортните капацитети, како и главните логистички центри во двете земји.
„Им рековме: ‘Можете да правите што сакате со Русија, но не напаѓајте ги рафинериите’, бидејќи тоа предизвикува светски проблем. Подобро нека престане, по ѓаволите,“,
изјави Трамп пред да каже дека, според него, е време Украина да добие нов претседател.
"I think it’s time for Ukraine to get a new president." US President Donald Trump hits out at Ukrainian President Volodymyr Zelenskyy, criticising him for targeting Russian refineries and saying he should be replaced. Latest: https://t.co/LFWT0RHvhc 📺 Sky 501 and Virgin 602 https://t.co/A6nQgEe5A8
— Sky News (@SkyNews) October 10, 2026
Инаку, ова не првпат Трамп да предлага смена на Зеленски. Тој во декември минатата година повика во Украина да се одржат претседателски избори и изјави дека украинските гласачи треба да имаат можност изберат лидер на земјата.
Откако избувна војната во 2022 година, во Украина е воведена вонредна состојба, која меѓу другото значи и мораториум за одржување избори за претседател на државата.
Американскиот претседател вчера преку објавата на неговата социјална платформа Трут соушл (Truth Social) соопшти дека е постигнат договор со Москва за суспендирање на санкциите за извоз на руски дизел до 7 април.
Украинскиот претседател веднаш одговори велејќи дека тоа ќе ѝ овозможи на Москва да собере нови средства за набавка на воена опрема за продолжување на војната.
Зеленски, исто така, ја обвини Москва дека договорот го толкува како знак дека може да ги продолжи борбите и да фрла, како што наведе, бомби врз украинските градови осврнувајќи се притоа на новите руски напади врз Запорожје во кои, според Асошиејтед прес, најмалку 20 лица се убиени, од кои три деца.
Украинскиот претседател, како што пренесе Би-би-си, денеска разговарал со неколку сојузници за најновите случувања и повикал на реални одлуки за заштита на животите во Украина и за заштита на европската безбедност.
Критиките на Зеленски за договорот меѓу САД и Русија за дизелот ги поддржа и високата претставничка на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика Каја Калас која денеска изјави дека суспендирањето на санкциите ѝ обезбедува на Москва повеќе приходи за водење војна.
„Ова не е време за попуштање на притисокот врз Русија, а Европа нема да го стори тоа“,
напиша таа на Икс.
Калас најави дека министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ в понеделник планираат да го одобрат најголемиот пакет санкции против Русија од почетокот на нејзината војна со Украина.
Инаку, договорот со Русија е најнов обид на Трамп да ги намали цените на горивото во САД пред среднорочните избори за Конгресот на почетокот на ноември и со тоа да се справи со политичките последици од војната со Иран.
Овој конфликт, кој започна во февруари годинава, предизвика вртоглав раст на цените на бензинот, а особено на дизелот во САД, што ја влоши неговата позиција кај американската јавност, погодена од повисоките цени на пумпите и од последователните ефекти што доведоа до општа инфлација.
Американскиот претседател вчера објави дека Путин се согласил веднаш да ослободи 300 000 тони дизел за американскиот и глобалниот пазар, по што би следувала испорака на 500 000 тони во ноември и уште еден милион потоа.
Според информациите, како дел од договорот, Министерството за финансии на САД ги суспендира санкциите за извоз на руски дизел до 7 април, но другите средства, како оние во американските банки, остануваат замрзнати.
Инаку, во изминатите 10 месеци Русија се соочи со два брана на сериозен недостиг на гориво низ целата земја поради нападите на украинските беспилотни летала врз нејзините рафинерии за нафта. Производството на дизел во Русија е намалено за околу 30 проценти, наведува Би-би-си повикувајќи се на Меѓународната агенција за енергија.
