Меѓу говорниците на изборниот конгрес на партија била потпретседателката на Главниот одбор на СНС, Невена Ѓуриќ
Делегатите на конгресот синоќа дале едногласна поддршка за формирање на Централниот и Надзорниот одбор на партијата, а усвоиле и предлог-договор за коалиција, со што, наведува Богдановиќ, го трансираат нивниот иден политички пат
Политичкиот спектар во државата доби нова партија, предводена од поранешниот функционер на СДСМ и ексградоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ. Името на новиот политички субјект е Српска демократска лига, која, како што објави тој на социјалните мрежи, синоќа во Македонската филхармонија го одржала првиот изборен конгрес.

На настанот како гости присуствувале преставници на други политички партии, лица од јавниот живот во земјава, како и претставничка на Српската напредна партија (СНС) од Република Србија.
Инаку, СНС е владејачка партија во Србија, која долги години беше предводена од доскорешниот претседател на земјата Александар Вучиќ. Тој неодамна поднесе оставка од највисоката државна функција за да биде носител на листата „Обединета Србија“ и кандидат за премиер на претстојните вонредни парламентарни избори закажани за 25 октомври.
Меѓу говорниците на изборниот конгрес на новата партија била и потпретседателката на Главниот одбор на СНС, Невена Ѓуриќ, а Богдановиќ изрази благодарност за, како што наведува во објавата, силната поддршка.

„Ова не е само нова политичка сила, туку претставува историска обнова на соработката и традицијата на првата Српска лига основана во Скопје уште во 1908 година. Со организираност, достоинство и единство, ќе го чуваме својот идентитет, истовремено почитувајќи го и идентитетот на другите! Продолжуваме напред – со работа, одговорност и достоинство за нашата заедница и за напредна Македонија!“,
напиша тој на Фејсбук.
Делегатите на конгресот синоќа дале едногласна поддршка за формирање на Централниот и Надзорниот одбор на партијата, а усвоиле и предлог-договор за коалиција, со што, наведува Богдановиќ, го трансираат нивниот иден политички пат.
За потсетување, Саша Богдановиќ долги години беше член и функционер на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ). Тој ја извршуваше функцијата претседател на Општинската организација на партијата во Центар, а одреден период беше директор на Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ).
Од 2017 до 2021 година Богдановиќ беше и градоначалник на оваа скопска општина.
