На прашањето со која партија би можеле да коалицираат, вели оти тоа ќе зависи од подготвеноста на потенцијалните партнери да ги прифатат одлуките донесени на конгресот на СДЛ
Тој не ја исклучи ниту можноста да се кандидира за градоначалник на Општина Центар или, пак, за пратеник
Новоформираната партија, Српска демократска лига (СДЛ), предводена од поранешниот функционер на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) и ексградоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ, најверојатно ќе настапи во коалиција на следните парламентарни избори.

Ова го најави лидерот на партијата, Богдановиќ, во гостување на 4ТВ, не исклучувајќи ја можноста да се кандидира за градоначалник на Општина Центар или, пак, за пратеник.
„И едното и другото, зависно од можностите, ќе видиме“,
вели Богдановиќ.
На прашањето со која партија би можеле да коалицираат, вели оти тоа ќе зависи од подготвеноста на потенцијалните партнери да ги прифатат одлуките донесени на конгресот на СДЛ.
Најави дека до 15 февруари партијата планира да ја изгради својата организациска структура и да ги претстави програмските и кадровските решенија.
Посочи дека е задоволен од досегашниот интерес за приклучување кон партијата.
Упати критики кон СДСМ, велејќи дека тоа веќе не е партијата во која членувал и дека неговата оценка се однесува на актуелното раководство.
Откри и дека разговарал со лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, за можноста повторно да се кандидира за градоначалник на Центар, при што добил и понуда да се зачлени во партијата.
Сепак, рече дека членството во ЗНАМ не го интересирало.
Инаку, Саша Богдановиќ долги години беше член и функционер на СДСМ. Тој ја извршуваше функцијата претседател на Општинската организација на партијата во Центар, а одреден период беше директор на Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ).
Од 2017 до 2021 година Богдановиќ беше и градоначалник на оваа скопска општина.
