„Функционерите треба да бидат претпазливи во давањето изјави со кои го откриваат своето вистинско лице и навестуваат дека се политичари против работници. ССМ нема да дозволи работничките права да станат предмет на пазарење со газдите“, вели претседателот на Синдикатот
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов денеска во објава на Фејсбук реагираше на изјавата на заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески дека треба да се разгледа можноста недела повторно да биде работен ден.

Посочи дека не е изненаден од ваквата изјава на Ристески, без оглед дали е дадена како личен став или како владина политика.
Според Трендафилов, со неа Ристески се надоврзува на барањата за укинување на празниците и кратење на работничките права.
„Со изјавата: ‘Ако ме прашате мене, зошто да не се врати недела да биде работен ден‘, која ја дал заменик-министерот Ристески, тој се става во улога на мегафон на газдите со кои очигледно има идентичен став и се надоврзува на барањето за укинување на празниците, па така, покрај газдите, се почесто и функционерите зборуваат за кратење на работничките права“,
пишува Трендафилов на Фејсбук.
Праша и дали заменик-министерот некогаш работел или сè уште работи во недела, за да смета дека речиси 90 отсто од работниците кои сега не работат на тој ден треба повторно да бидат ангажирани.
„На заменик-министерот му порачуваме дека и сабота е неработен ден, а дека истиот газдите најмногу го злоупотребуваат, нешто што работниците секојдневно го зборуваат, а креаторите на политиките се прават дека не го гледаат и слушаат“,
додаде тој.
На крајот од објавата посочи дека ССМ најостро се спротивставува на вакцвите намери за кратење на работничките права.
„Функционерите треба да бидат претпазливи во давањето изјави со кои го откриваат своето вистинско лице и навестуваат дека се политичари против работници. ССМ нема да дозволи работничките права да станат предмет на пазарење со газдите“,
вели Трендафилов.
Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески вчера во телевизиско гостување посочи дека треба да се разгледа можноста недела повторно да биде работен ден.
Според него, такво барање има од стопанските комори и дека лично смета оти не треба да се исклучи таа можност.
„Ако ме прашање мене, зошто да не се врати недела да биде работен ден. Тоа е едно неправедно решение, не само за работодавачите туку повеќе за синдикатите и вработените. Ако се плаќа со многу поголема дневница, зошто да му го скратиме правото на некој што сака да работи во недела да оствари поголем поголем приход и зошто да дозволиме ако не се работи во недела да имаме одлив на луѓе во околните држави“,
кажа Ристески.
Сепак, Ристески нагласи дека станува збор за негов личен став и дека прашањето треба да се разгледа на Економско-социјалниот совет, при што треба да се земат предвид и веќе стекнатите права на работниците.
