Универзалниот снабдувач ЕВН ХОУМ утре ќе ги отвори понудите, по што ќе се знае по која цена ЕСМ ќе ја продава електричната енергија што треба да покрие 70 отсто од потребите на домаќинствата
Утре ќе биде познато и по која цена ќе бидат обезбедени преостанатите 30 отсто од потребната електрична енергија, како и дали ЕСМ ќе достави понуда и за овој дел од потрошувачката
Државата повторно ќе биде гарант за задолжување на АД ЕСМ во износ од 60 милиони евра кај домашните банки. Одлуката, како што пренесува ТВ Телма, била донесена на денешната владина седница откако државните електрани побарале дополнителни средства поради зголемените цени на енергенсите на домашниот и на меѓународните пазари.

Покрај кредитот од 60 милиони евра, ЕСМ претходно побарало и позајмица од седум милиони евра од „Државна лотарија“, со цел да ја подобри својата ликвидност.
Премиерот Христијан Мицкоски во вчерашното гостување за истата телевозија кажа дека ваквите процеси се вообичаена практика и дека ЕСМ ќе го врати позајмените средства во касата на Лотарија до крајот на годината.
Во меѓувреме, Владата и надлежните институции ги подготвуваат пресметките за новата цена на електричната енергија за домаќинствата. Целта е таа да остане непроменета, но конечната цена ќе зависи од понудите за снабдување со струја.
Универзалниот снабдувач ЕВН ХОУМ утре ќе ги отвори понудите, по што ќе се знае по која цена ЕСМ ќе ја продава електричната енергија што треба да покрие 70 отсто од потребите на домаќинствата.
Претходно, Мицкоски најави дека очекува цената да остане на сегашното ниво од 65 евра за мегават-час, но се уште не е познато дали ќе има корекција.
Утре ќе биде познато и по која цена ќе бидат обезбедени преостанатите 30 отсто од потребната електрична енергија, како и дали ЕСМ ќе достави понуда и за овој дел од потрошувачката.
Согласно Реформската агенда, државните електрани имаат обврска да покриваат 70 отсто од потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, наместо досегашните 100 отсто.
За да ги обезбеди потребните количества електрична енергија, ЕСМ купило повеќе од 70 илјади мегават-часови струја за околу 17 милиони евра. Набавената енергија треба да ги покрие потребите за околу 20 дена, а ќе биде обезбедена од осум трговци.
Новиот заема од 60 милиони евра ќе биде трет кредит што ЕСМ го зема од домашните банки од 2024 година, кога актуелното раководство ја презеде компанијата.
Претходно, државните електрани се задолжиле со заем од 80 милиони евра и со дополнителни околу 60 милиони евра.
За Телма од ЕСМ имаа изјавено и дека компанијата се наоѓа во тешка финансиска состојба, но оти тоа не е причина за доцнењето на исплатата на вработените, кое било од неколку дена.
