И Николоски се приклучи кон обвинувањата дека врвот на СДСМ стои зад Иницијативниот одбор, кој веќе најави вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ за 28 март
Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев вели дека нема време и дека има многу работа за да се занимава со ВМРО-ДПМНЕ, откако повеќе членови на раководството на опозициската партија го посочија како виновник за иницијативата за вонреден конгрес за одговорност на Христијан Мицкоски.
Денеска и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски се приклучи кон обвинувањата дека врвот на СДСМ стои зад Иницијативниот одбор, кој веќе најави вонреден конгрес за 28 март.
„Целиот центар за комуникации на СДСМ во овој момент е во комуникација со 2-3 члена на тој иницијативен одбор и на дневна основа создаваат и пласираат невистини во јавноста, преку социјалните медиуми, преку изјави во одредени медиуми каде што можат да ги пробијат овие информации. На дневна основа се работи тоа и во овој момент тие разработуваат стратегија како на ден-два да пласираат вакви невистини. Целта е да не се занимава Македонија со тоа што е најбитно, а тоа дека сме единствена држава каде што луѓе умираат затоа што нема вакцини, каде што најголем дел од луѓето не можат да добијат соодветна здравствена заштита па подигаат кредити или продаваат станови за да одат во приватна болница, да не се занимава со економското тонење, туку да се занимава со глупости“,
рече Николоски.
Според него, ова сценарио е веќе видено и истите луѓе кои, како што рече, сега му слугуваат на Заев, порано работеле на тоа да има раскол во СДСМ, кога партијата беше во опозиција.
Заев, пак, коментирајќи ги денеска обвинувањата дека тој ги диктира превирањата во ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека тој води голема партија, а освен тоа е на чело на Владата, така што ги отфрла сите наводи дека има каква било врска со случувањата во опозицискиот табор.
„Водам голема политичка партија, поголема од ВМРО-ДПМНЕ и имам и таму доста работа, покрај тоа што сум претседател на Владата. СДСМ е пред сериозен процес на реевиденција. Доцна синоќа стигнавме до 50 000 членови. Потоа, јас сум еден од кандидатите на внатрепартиските избори за претседател и имам премногу работа во СДСМ. Не е мое, ниту треба кој било да се меша во внатрешни процеси на кои било партии. Посебно несвојствено е да има мешање на директни опоненти како што се СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Секако тоа е нивна работа. Директно ги отфрлам сите сомневања и обвинувања за моја вмешаност во какви било внатрешни процеси во ВМРО-ДПМНЕ. Што ќе постигнам со тоа? Дали со смена Мицкоски ќе биде нешто подобро за СДСМ? Јас очекувам здрава и силна опозиција која ќе биде сериозен коректор на власта за да биде уште поодговорна, потранспарентна, поефикасна“,
рече Заев