Идентификувани се 23 лица кои на 13 април во 22 часот за време на полициски час протестираа во Сингелиќ. Како што информира Јавното обвинителство Скопје, до Основниот кривичен суд во Скопје поднесени предлози за казнени налози против овие лица за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
*Поврзана вест: Тројца жители на Ченто приведени дека го кршеле полицискиот час, десетици излегоа на протести
„Обвинетите се идентификувани како лица кои на 13 април околу 22 часот, за време на полицискиот час, биле затекнати групирани надвор од своите домови во Сингелиќ. Со ова тие постапиле спротивно на Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Северна Македонија, донесена со цел спречување на заразната болест ковид-19“,
соопштија од обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител му предложи на судот на секој од обвинетите да им изрече парична казна од 100 дневни глоби, а вредноста на секоја дневна глоба да биде одредена на 35 евра во денарска противвредност, односно по 3 500 евра за секој.
*Поврзана вест: Казна од 15 000 евра за три лица поради протестот во Сингелиќ за време на полициски час
Во врска со настанот во Сингелиќ на 13 април, Основното јавно обвинителство Скопје претходно поднесе предлог за издавање казнен налог против три лица, со кој побара на лицата обвинети за кривично дело непостапување според здравствените прописи за време на епидемија да им бидат изречени парични казни од 100 дневни глоби од по 50 евра.
*Поврзана вест: МВР: Кривични пријави за уште 23 лица за протестот во Ченто
Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по овој предлог, веќе изрече првостепена пресуда со која тројцата обвинети ги огласи за виновни и им ја изрече паричната казна од по 5000 евра во денарска противвредност.