МВР до ЈО поднесе кривична пријава за кршење на забрана за движење за 23 лица кои беа дел од протестот во населбата Ченто за време на полициски час на 13 овој месец. Тие се товарат по член 206 од КЗ за непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.
Од МВР денеска соопштија дека се работи на идентификација и на други лица, кои на 13 април во 22 часот се собраа на улица во оваа скопска населба во знак на протест против приведувањето на три лица од населбата кои за време на полициски час поставувале лежечки полицаец.
„Од страна на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје во изминатиот период беа преземени активности насочени кон целосно расчистување на настанот и идентификување на учесниците во истиот. Во таа насока до овој момент, освен трите лица кои првично беа приведени и за кои веднаш беше поднесена кривична пријава, дополнително по извршена оперативни активности идентификувани се уште 23 лица. Тие се повикани во полициска станица и со истите е извршен службен разговор, за што е изготвена соодветна документација“,
соопшти МВР.
На 13 април во полициската станица Гази Баба беа приведени три лица В.М. (19) од Арачиново, С.Р. (21) од с. Синѓелиќ и В.В. (30) од ул. „Алија Авдовиќ“ кои не го почитувале полицискиот час.
Поради приведувањето, на оваа улица поголема група граѓани излегла на протест.
На фејсбук-страницата на оваа населба Lagjeja Hasanbeg-Shkup вечерта во живо беше пренесуван протестот на кој се појави и градоначалникот на Гази Баба, Борче Георгиевски, но видеото набрзо беше отстрането.
И објавите заедно со фотографиите за овој настан од фејсбук-профилот на еден од приведените набрзо беа избришани.
Министерот Наќе Чулев на прес- конференција минатата недела оцени дека инцидентите во Ченто имаат политичка заднина и дека станува збор за тенденциозно загрозување на здравјето на граѓаните.