Новоназначениот либански премиер Мустафа Адиб, кој ја презеде работата за да и помогне на земјата да се крене по уништувачката експлозија во август во Бејрут, изјави дека се повлекува од функцијата без да формира нова влада, повикувајќи се на политичките пресметки во земјата, јави ДПА.
Државната новинска агенција соопшти дека Адиб оставката ја објави по средбата со либанскиот претседател Мишел Аун во палатата Баабда.
Неговото назначување дојде пред втората посета на францускиот претседател Емануел Макрон за помалку од еден месец, чија цел беше започнување на долго одложуваните реформи и надминување на кризата.
Адиб беше номиниран од група влијателни поранешни либански премиери, меѓу кои и Саад Харири, лидер на најголемата сунитска партија во земјата, Движење за иднината.
Неговото назначување беше потврдено со мнозинство гласови во либанскиот парламент, по што следуваше процес на формирање влада што може да трае неколку месеци.
Тој претходно беше амбасадор во Берлин, Германија.
Назначен за премиер беше на 31 август од страна на претседателот Аун, на местото на Хасан Диаб чија влада поднесе оставка на 10 август поради експлозијата на пристаништето во Бејрут.
Американските медиуми проценуваат дека денешната објава на Адиб им задава удар на напорите на францускиот претседател Емануел Макрон за надминување на застојот во оваа земја погодена од сериозна криза.
Експлозијата на 4 август уби стотици лица, а илјадници повредени и оставени без покрив над главата.