Пред гласањето за овој Закон, пратениците од опозициските партии обвинија дека со негово донесување се намалува транспарентноста и се зголемуваат ризиците од корупција

Со 63 гласа „за“ и 20 „против“, парламентарното мнозинство попладнево го донесе законот за изменување и дополнување на Законот за јавни набавки, откако пред два дена го усвои амандманот за бришење на членот 13 од предлогот поради кој претходно претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не го потпиша указот за прогласување на законските измени.
Претседателот на Собранието Африм Гаши рече дека согласно член 75 став 3 од Уставот, откако Собранието го усвои законот со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателката на државата сега е должна да го потпише указот за негово прогласување.
Пред гласањето за овој Закон, пратениците од опозициските партии обвинија дека со негово донесување се намалува транспарентноста и се зголемуваат ризиците од корупција.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, во процедурална реакција оцени дека ваквиот расплет бил очекуван начин за набрзина да се протурка законот, иако, како што рече, остануваат многу покрупни проблеми од членот на кој реагираше претседателката.
„За мене многу поважни беа другите членови што се менуваат – сумата за јавни набавки во четири очи, укинувањето на согласноста што требаше да се добие од Бирото за јавни набавки при спроведување набавки по скратена постапка, што е најважната работа во делот на транспарентноста. Се укинува и бесплатниот увид – ако не платите, не можете да ги добиете податоците од јавните набавки, ниту новинарите, ниту невладините организации, ниту кој било друг“,
истакна Спасовски.
Тој потсети дека токму поради овие одредби СДСМ и коалицијата поднеле 2 100 амандмани сметајќи дека на тој начин ќе се спречи носењето на Законот за јавни набавки.
„И покрај тоа што претседателката го врати законот и вие како парламентарно мнозинство сериозно да размислите на таа тема дека не оди од една страна да промовирате транспрантност, од друга страна да правите одредби кои тоа го укинуваат“,
рече Спасовски.
Пратеникот Миле Цеков апелираше до мнозинството дека ова е еден многу важен закон преку кој, како што нагласи, само минатата година поминале 1,6 милијарди евра јавни пари. Тој се повика на неодамнешниот Извештај на Европската комисија, во кој е констатирано дека нема напредок во оваа област, како и на сериозните забелешки за корупциски ризици од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Тој посочи конкретни спорни решенија во законот. Цеков рече дека во член 15 од овој закон надоместокот за жалбена постапка се зголемува од 200 на 600 евра, со што, според него, им се отежнува пристапот до правда на малите фирми. Во член 3, рече Цеков, се воведува надоместок за пристап и користење јавни податоци во формат погоден за обработка, кои досега беа бесплатни за новинарите и граѓанскиот сектор. Во член 2 додаде дека двојно се зголемува лимитот за набавки без тендер – од 5 000 на 10 000 евра, со што еден функционер ќе може да потроши до 50 000 евра годишно без спроведување јавна набавка.
„Се прашувам дали овие измени се прават за да има поголема конкуренција и транспарентност или помала контрола врз трошењето на јавните пари“,
праша Цеков.
Слични критики упати и пратеничката Илире Даути, која предупреди дека со зголемувањето на праговите за малите набавки се намалува контролниот филтер врз трошењето на парите на граѓаните.
„Другиот проблем е што секој што сака повеќе податоци во врска со јавните набавки ќе треба да плати одреден износ, што со сигурност ја отежнува работата и контролата. Овие прашања се адресирани и во Извештајот на Европската комисија, а она што е предложено е во директна спротивност со барањата на ЕК“,
оцени Даути додавајќи дека е неприфатливо ваков закон да се носи набрзина.
На претходната собраниска седница, кога беше усвоен амандманот за бришење на членот 13 од предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, прелагачот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека на тој начин комплетно се прифаќаат указите од претседателката и оти сметаат дека овој закон може непречено да биде усвоен, за да се олесни системот и да биде попрактичен, позаконски, потранспарентен и поцелоисходен за целата државна управа.
Посочи дека измените се дел од Реформската агенда и имаат цел да го унапредат системот на јавни набавки преку воведување дигитални алатки и вештачка интелигенција, со што, според него, би се намалиле ризиците од корупција и злоупотреби.
Претседателката Сиљановска-Давкова на 2 ноември го извести Собранието дека нема да го потпише указот за прогласување на измените, усвоени на 26 октомври, по анализа и консултации со експерти.
Во дописот, таа се повикува на член 75 став 3 од Уставот и наведува дека одлуката ја донела по внимателна анализа и консултации со експерти, оценувајќи дека одредбата од членот 13 од измените на законот отвора сериозни дилеми во однос на владеењето на правото.
Спорна за претседателката е измената со која се менува начинот на регулирање на мандатите на претседателот и членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки.
Досегашното законско решение предвидуваше дека тие се именуваат за период од пет години, со право на уште еден избор, што значеше ограничување на вкупно два мандата, односно десет години. Со новата формулација, „со право на повторно именување“, според Сиљановска-Давкова, не се утврдува јасна граница на бројот на мандати.
Оценува дека ваквата формулација е правно непрецизна и остава простор за арбитрарно толкување, вклучително и можност за неограничен број реизбори.
