Од аспект на бројката на пријавени кандидати, претстојните внатрепартиски избори повеќе наликуваат на партиските конгреси во 2004 и во 2013 година, кога имаше по тројца кандидати – тогаш за наследник на Црвенковски
По вторпат годинава СДСМ оди на внатрепартиски избори за лидер и тоа по само девет месеци откако, наместо на конгрес, со статутарни измени се предвиде непосредно гласање на целото членство за највисоката партиска функција.
Да не ја најавеше Зоран Заев на 31 октомври оставката на лидерската функција, која беше официјализирана на 27 ноември, вторите внатрепартиски избори ќе требаше да се одржат во 2025 година, до кога, поради новонастанатата ситуација, веројатно ќе трае и мандатот на петтиот претседател на СДСМ кој ќе биде избран на 12 декември.
Доколку во текот на викендот Изборната комисија на СДСМ оцени дека сите четворица номинирани за наследник на Заев ги исполнуваат условите предвидени со Правилникот за кандидирање и за спроведување на изборниот процес, тогаш во оваа „трка“ ќе има рекорден број кандидати, во споредба со досегашните циклуси за избор на највисоката партиска функција. Според Правилникот, во лидерската трка може да учествуваат кандидати кои најмалку пет години се членови на партијата и најмалку еднаш биле избрани на конгрес за член на некој од партиските органи, како за претседател, заменик-претседател, генерален секретар, член на Централниот или на Надзорниот одбор.
Од аспект на бројката на пријавени кандидати, од старт може да се каже дека вторите внатрепартиски избори во СДСМ ќе бидат драстично поразлични од првите, кога не само што Заев беше единствен кандидат, туку и никој не се обиде да му биде конкуренција. Затоа, пак, овој пат, соговорници од партијата не исклучуваат можност од втор изборен круг, посебно ако „натпреварот“ го продолжат сите четворица кандидати. Според Статутот на СДСМ, за еден од кандидатите да биде избран во првиот круг, треба да освои барем половина (плус еден) од гласовите на сите партиски членови кои учествувале во гласањето. Во спротивно, во вториот круг од гласањето одат двајцата прворангирани кандидати, а победник е тој што ќе освои повеќе гласови.
Во март годинава Заев го доби третиот мандат по ред на чело на партијата, но првпат на непосредни избори, а откако во периодот 2008-2009 година беше и в.д.претседател, пред враќањето на Бранко Црвенковски на „Бихаќска“. На партиските избори пред девет месеци беа регистрирани близу 69 илјади гласачи од активните членови на СДСМ. За Заев, како единствен кандидат, гласаа 59 240 негови сопартијци, 865 беа „против“, а имаше и 277 неважечки ливчиња.
Од четворица лидери на СДСМ во изминатите близу 30 години само уште првиот лидер Црвенковски беше неколку пати избиран на функцијата, во периодот од 1992 до 2004 година и потоа уште еднаш во 2009 година. По повлекувањето на Црвенковски од политиката во 2013 година, Заев дојде како негов наследник на чело на СДСМ, по конгресот на кој имаше двајца противкандидати, Зоран Јовановски и Кире Наумов, додека Игор Ивановски, во меѓувреме, ја повлече кандидатурата.
Освен тогаш, во СДСМ имаше конкурентска битка и на конгресот кон крајот на 2004 година, откако Црвенковски стана претседател на државата, а партијата едно време имаше колективно раководство. На конгресот што се одржат тогаш, делегатите на СДСМ го избраа за лидер Владо Бучковски, чии противкандидати беа Тито Петковски и Радмила Шекеринска, која влезе и во вториот круг гласање. Потоа, Бучковски стана и мандатар за состав на третата влада на СДСМ во периодот 2002 – 2006 година.
Откако СДСМ ја изгуби власта во 2006 година, на Бучковски му беше изгласана недоверба на партиски конгрес. Потоа, во почетоците на опозициското дејствување на СДСМ, Радмила Шекеринска, како единствена кандидатка, беше избрана за претседателка на СДСМ и остана на чело на партијата до првите предвремени парламентарни избори во 2008 година, кога си поднесе оставка поради изборниот пораз.