Москва го обвини Киев за тероризам врз цивили, а Украина тврди дека цел на нападот била руска воена единица за беспилотни летала
Бројот на загинати во украинскиот напад со беспилотно летало врз интернат на стручно училиште во градот Старобилск, во окупираната Луганска Област, утринава се искачи на десет лица, соопшти руското Министерство за вонредни состојби од каде што информираа дека од под урнатините на зградата биле извлечени дополнителни тела на жртви.
Во нападот се повредени вкупно 48 лица, а според локалните власти 11 лица сè уште се водат како исчезнати и поради тоа спасувачките тимови продолжуваат со интензивно пребарување на теренот.

Нападот предизвика жестоки меѓусебни обвинувања меѓу Москва и Киев. Рускиот претседател Владимир Путин ја обвини украинската војска за извршување терористички напад и тврди дека на локацијата немало никаква воена цел, а наспроти овие тврдења Генералштабот на украинската војска ја обвини Москва за ширење дезинформации и појасни дека во интернатот во Старобилск всушност била стационирана руска воена единица специјализирана за напади со дронови против Украина, која била прецизно планирана цел на операцијата.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, упати остри критики за овој напад велејќи оти ООН силно ги осудуваат сите напади врз цивили и цивилна инфраструктура, без разлика каде се случуваат.
