Оттаму информираат и оти од почетокот на годината се изречени 22 глоби за шеснаесет друштва, но и дека во подготовка се и драстични законски измени
Министерството за финансии донесе решение со кое му ја одзеде дозволата за работа на едно од поголемите финансиски друштва на македонскиот пазар. Одлуката следува по спроведен вонреден надзор покренат по пријава од граѓанин, при што биле констатирани тешки прекршувања на законските прописи.

Во соопштението испратено оттаму се вели дека инспекцискиот надзор утврдил грубо непочитување на законите и постапување кое е во директна спротивност со правилата за заштита на корисниците бидејќи финансиското друштво применувало практики со кои директно ги довело во ризик граѓаните кои ги користеле нивните услуги.
Поради сериозноста и тежината на овие неправилности, Министерството донесе одлука за трајно одземање на дозволата за вршење на дејноста.
„Министерството за финансии и во 2026 година продолжува со засилени теренски и вонтеренски контроли над финансиските друштва. Во досегашните надзори се констатирани повеќе неправилности, при што од почетокот на годината па досега се изречени 22 глоби за 16 друштва, како и 23 писмени наредби за отстранување на утврдените неправилности“,
велат оттаму.
Паралелно со засилениот инспекциски надзор на терен, од Финансии велат оти веќе работат и на измени во постоечката регулатива со цел дополнително заострување на условите и критериумите под кои овие друштва можат да го закупат пазарот.
„Целта на законските измени е да се намали ризикот од прекумерно задолжување кај граѓаните, да се обезбеди поголема заштита на потрошувачите и да се зголеми транспарентноста и одговорноста во работењето на финансиските друштва. Министерството за финансии ќе продолжи со интензивни контроли и ќе ги презема сите расположливи мерки согласно закон, со цел заштита на граѓаните и спречување на непочитување на законот“,
се вели во соопштението.
