Шефот на дипломатијата во Хелсингборг, Шведска ги претстави македонските приоритети за модернизација на одбраната пред претстојниот самит во Анкара, а меѓу клучните теми за кои се разговараше, беа и континуираната поддршка за Украина и зголемувањето на одбранбеното производство
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во изминатите два дена учествуваше на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО, кој се одржа во шведскиот град Хелсингборг каде главна тема на разговори беа актуелните глобални безбедносни предизвици и подготовките за претстојниот голем Самит на Алијансата што во јули треба да се одржи во Анкара.

Во своето обраќање пред сојузниците, министерот се осврна на безбедносната ситуација во регионот, предупредувајќи оти Западниот Балкан останува ранлива област во Европа, изложена на сериозно и злонамерно влијание од надворешни фактори. Поради овие континуирани безбедносни ризици, тој кажа дека регионот мора и понатаму да остане високо во фокусот на НАТО.
Муцунски ги потврди заложбите на Владата за исполнување на обврските кои земјата ги има преземено преку зголемено финансирање на домашната одбрана, што директно ќе придонесе кон колективните напори на Алијансата, притоа истакнувајќи ја неопходноста од забрзан развој и модернизација на одбранбената индустрија и зголемување на производството, како главен предуслов за создавање посилна Европа во рамките на едно посилно НАТО.
Кога станува збор за руската агресија врз Украина, шефот на македонската дипломатија ја реафирмираше континуираната поддршка за Украина и ја нагласи важноста од обезбедување континуитет и предвидливост на помошта за Киев, паралелно со дипломатските напори за изнаоѓање праведно решение за конфликтот.
